• недела, 22 декември 2024

Владејачката партија во Грузија прогласи победа, опозицијата најавува протести

Владејачката партија во Грузија прогласи победа, опозицијата најавува протести

Тбилиси, 28 октомври 2024 (МИА) - Грузискиот премиер Иракли Кобахиѕе изјави дека владејачката партија освоила рекордни 1,2 милиони гласови на изборите одржани за време на викендот, истакнувајќи дека граѓаните се определиле за „мир и европска иднина.“

- Грузискиот народ направи избор кој нема алтернатива. Тие избраа мир и развој на земјата, како и нејзина светла, европска иднина, рече Кобахиѕе на прес-конференција.

Тој додаде дека првата седница на парламентот ќе се одржи нормално и ќе биде формирана влада, и покрај тоа што опозицијата одбива да ги признае резултатите.

Коментирајќи ги обвинувањата на опозицијата за „изборна измама“, Кобахиѕе нагласи дека опозициските партии немаат „достоинство да прифатат уште еден пораз.“ Според него, поразот на опозицијата по деветти пат е доказ за поддршката што владејачката партија ја има од граѓаните. - Секој обид за оспорување на уставниот систем е неприфатлив, додаде тој.

Кобахиѕе ги обвини опозицијата и одредени невладини организации дека работат против уставниот поредок. Тој им се заблагодари на Централната изборна комисија и на граѓаните на Грузија за „укажаната доверба“ на изборите, кои ги опиша како „мирни.“

Што се однесува до односите со Русија, Кобахидѕ рече дека Грузија нема да ги обновува дипломатски односи, поради тоа што Русија окупира 10 отсто од територијата на земјата, односно Абхазија и Јужна Осетија.

Околу 58,94 отсто од гласачите излегоа на изборите, при што партијата „Грузиски сон“ освои 54,086 отсто од гласовите, а опозицискиот блок „Коалиција за промени“ 10,9 отсто.

Остани поврзан