Вкупно осум години затвор пресуди Кривичен за грабнувачите на Самоил Костадиновски
- Вкупно осум години затвор пресуди Основниот Кривичен суд Скопје на обвинетите Виктор Милановски и Саша Челичиќ против кои се водеше процес за грабнување на Самоил Костадиновски.
Скопје, 4 април 2024 (МИА) - Вкупно осум години затвор пресуди Основниот Кривичен суд Скопје на обвинетите Виктор Милановски и Саша Челичиќ против кои се водеше процес за грабнување на Самоил Костадиновски.
Како што соопшти при денешната објава на пресудата, судијката Славица Наумова Јосифовска, обвинетите Виктор Милановски и Александар Трпков, кој е недостапен на органите за прогон, се виновни затоа што на 3 март 2023 на улица „Христо Татарчев“ во Скопје, заеднички извршиле грабнување со закана дека ќе го лишат од живот оштетениот Самоил Костадиновски, да се плати претходно украдената наркотична дрога - роба, за која оштетениот требало да ја плати но не ја платил и не ги предал паричните средства, додека, обвинетиот Саша Челикиќ со умисла им помогнал во извршување на кривичното дело грабнување.
Двајцата обвинети беа прогласени за виновни согласно член 141 од Кривичниот законик, за кривично дело „грабнување", за кое е предвидена казна затвор од една до десет години.
- Согласно овие цитирани членови судот првообвинетиот, Виктор Милановски, го осудува на казна затвор во траење од пет години и десет месец во која му се смета и притворот од 13.3.2023, а на обвинетиот Саша Челикиќ му се определува казна затвор од две години и два месеци, во која му се смета и притворот од 13.3.2023 до 11.7.2023 година, рече судијката.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица, од кои едното е обвинето за кривично дело „грабнување“ од член 141 став 2 во врска со став 1, сторено во соизвршителство, додека, второто е обвинето за помагање при извршувањето на кривичното дело. За истиот настан, постапката против уште едно лице е привремено прекината до негово пронаоѓање и лишување од слобода.
Како што тогаш соопшти Јавното обвинителство на РСМ, на 3 март, на улицата „Христо Татарчев“, првообвинетиот, заедно со лицето кое се наоѓа во бегство и други непознати лица, извршиле грабнување на едно лице, со закана дека ќе го лишат од живот. Намерата им била да го натераат оштетениот да плати претходно украдена наркотична дрога – роба во количина од 4 килограми.
Второто лице опфатено со Обвинителниот акт со умисла им помогнало, ставајќи им на располагање средство за извршување на кривичното дело – автомобил „Волво В40“ со скопски регистарски ознаки.
Со возилото обвинетите го однеле оштетениот на непознато место спротивно на неговата волја. Во следните неколку дена, преку пораки на мобилни апликации од непознати испраќачи, членови на семејството и блиски лица на оштетениот добивале пораки со барање за уплата на средства за наводно преземена, а неисплатена наркотична дрога.
Со цел да се прикријат трагите, возилото со кое е извршено кривичното дело и во кое последен пат бил виден оштетениот, било опожарено во Драчево.
Јавниот обвинител, со поднесување на обвинението, предложи да биде продолжена мерката притвор за првообвинетиот, додека за помагачот претходно определените мерки на претпазливост да се заменат со мерка куќен притвор.
Процесот го води судијката Славица Наумова Јосифовска, застапник на обвинението е обвинителот Дејан Петревски. ар/аа/
Фото: МИА архива