• петок, 05 декември 2025

Четврто издание на Фестивалот на виното во Охрид

Четврто издание на Фестивалот на виното во Охрид

Охрид, 25 јуни 2025 (МИА) – Вљубениците во добрата капка викендов во Охрид ќе можат да уживаат во богата понуда од стотина врвни трпезни вина, од понудата на над дваесет винарии од земјата. Сето тоа во рамки на четвртото издание на „Охридскиот фестивал на виното“ што од утре до 28 јуни ќе се одржува на просторот на Кејот „Македонија“ пред хотелот „Палас“ во Охрид.

Организаторите на манифестацијата што се одржува со поддршка на Општина Охрид во деновите на фестивалот запосетителите најавија и богата богата музичка програма и неповтoрлива забава за охриѓани и туристите.

Градоначалникот Кирил Пецаков, на денешната прес-конференција рече дека како за старт на главната летна туристичка сезона, гостите во Охрид на Фестивалот на виното ќе уживаат во богата музичката програма, исполнета исклучиво со настапи на македонски естрадни ѕвезди – кои ќе приредат незаборавна забава.

Утревечер на отварањето на фестивалот на сцената ќе настапат DJ Gec, Backdoor band, Тамара и Brass brothers. Вториот фестивалски ден, петок е резервиран за „Куку Леле“, Дац и Александар, „Пауза за ракија“, DJ Nasti и Urban planet, додека на третиот фестивалски ден за забавата ќе бидат задолжени „Ареа“ и Влатко Лозановски, „Kамелеон“ и DJ Jana.

Пацаков јавно се заблагодари до македонските винарии кои во континуитет ја препознаваат можноста за презентација на својот бренд.

- Општина Охрид и понатаму ќе продолжи да ги поддржува ваквите настани, кои не само што ја збогатуваат забавната понуда за нашите гости, туку отвораат нови можности за промоција на домашните производи и за развој на туризмот како една од нашите клучни гранки, рече тој поканувајќи ги сите кои се можност да бидат дел од фестивалот, како што рече на заедничко уживање, а Охрид уште еднаш да покаже зошто е синоним за традиција и гостопримство.

Пане Темов од организацискиот тим на Фестивалот истакна дека борјноста на гостите изминатите години е потврда на интересот на граѓаните и гостите за доброто вино и добрата забава.

Мислам дека ќе биде интересно да се пробаат новите сорти вина, најдоброто што винариите имаат да покажат. Секоја година се трудиме да донесеме нови винарии, така ќе биде и овојпат...Ќе има и презентација на увозни вина, така што поднудата ќе биде исклучително богата, рече тој.

Манифестацијата е од промотивен карактер, така што винариите во неа гледаат можност за претставување на својата понуда, повеќе отколку некоја заработка.

Како што беше посочено од организаторите на манифестацијата, секој од посетителите ќе може да си купи чаша за вино и потоа да ужива од понудените вина по сопствен избор, сето по симболична цена, дури и 70 проценти пониска од редовната. Колку за илустрација, шише квалитетно вино од 750 милилитри минатата година се нудеше по цена од некаде 400 денари, во зависност од квалитетот.аб/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан