• вторник, 14 мај 2024

Вархеји: Србија треба да ги засили напорите за усогласување со позициите на ЕУ

Вархеји: Србија треба да ги засили напорите за усогласување со позициите на ЕУ
Белград, 20 октомври 2022 (МИА) - Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји изјави дека во актуелниот геополитички контекст, Србија треба да ги засили напорите за усогласување со позициите на ЕУ во надворешната политика, вклучително и декларации и санкции, во согласност со рамката за преговори и оти, дополнително, потребен е напредок во дијалогот на Белград и Приштина. Во интервју за Дневниот европски сервис, нов сервис на агенцијата Бета, Вархеји посочи дека Брисел очекува формирање нова српска влада по изборите со цел да се продолжат клучните реформи. - Важно е да се каже дека напредокот на Србија во владеењето на правото е клучен и ќе продолжи да го одредува целокупното темпо на пристапните преговори, тврди еврокомесарот. Според него, нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина преку дијалог со посредство на ЕУ е од клучно значење за нивната иднина и мирот и стабилноста на целиот регион, особено во актуелната геополитичка ситуација. Тој истакна дека во моментов постои можност за вистински напредок. На прашањето колку патот на Србија кон ЕУ е попречен од лошото усогласување со Унијата во надворешната политика, особено со санкциите против Русија, Вархеји одговори дека Србија е во „многу специфична ситуација“ и оти Брисел ја разбира сложеноста на прашањето. - Сепак, сегашната геополитичка ситуација бара поконкретни одговори од нашите партнери, подвлече еврокомесарот. Тој додаде дека Србија направила стратешки избор кога барала членство во ЕУ и оти таквата одлука подразбира усогласување со надворешната политика на Унијата. бд/зш/

Остани поврзан