• петок, 17 мај 2024

Борел присуствуваше на донација на систем за деминирање од ЕУ за Украина 

Борел присуствуваше на донација на систем за деминирање од ЕУ за Украина 

Брисел, 7 февруари 2024 (МИА) - Додека се бори против агресорот, Украина во исто време и се обновува, при што нејзините деминери преземаат исклучително опасната, но суштинска задача, за да ја исчистат ослободената територија од смртоносните мини што зад себе ги оставија руските агресори, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во Киев на церемонијата на предавање на системот за расчистување мини ДОК-ИНГ МВ-10, кој е донација од Унијата за Украина. 

- Чест ни е што можеме со оваа европска опрема да ја направиме побезбедна и поефикасна работата на украинските деминери. Заедно можеме да помогнеме да спасиме животи и да придонесеме за подобра иднина за Украина, рече Борел при предавањето на донацијата на украинската Државна специјална транспортна служба. 

Донацијата е во рамки на пакетот за поддршка на ЕУ за деминирање за Украина вреден 25 милиони евра. Досега ЕУ како дел од овој пакет на Украина и донираше основна опрема за деминерските тимови, специјални пиротехнички возила и автоматизирани системи за деминирање. 

Системот за деминирање на далечински управувач МВ-10 се користи за расчистување на противпешадиски и противтенковски мини, како и други експлозивни средства и е погоден за работа на големи површини. МВ-10 може да деминира до 4000 квадратни метри на час. 

Борел кој од вчера престојува во дводневна посета на Украина, во текот на вчерашниот ден го посети Центарот на Мисијата на ЕУ за обука на украински безбедносни сили, каде досега е спроведена обука на 150 припадници на Националната полиција и Националната гарда. 

Високиот претставник на ЕУ при посетата истакна дека овие обучени припадници на украинските безбедносни сили ќе спроведат обука на илјадници свои колеги, што е показател за напорите на ЕУ за стабилизирање на териториите ослободени од руската окупација. 

- Се соочувате со тешки ситуации кога повторно ја преземате контролата врз ослободените територии затоа што цивилните инфраструктури се уништени и се е ограбено. Мора да се вратат законот и редот, рече Борел. 

Тој додаде дека на ослободените територии се пронајдени замки, бомби и скриени мини поставени од Русите при повлекувањето, како и масовни гробници, за што мора да ги известат роднините на жртвити и за што е потребен соодветен психолошки капацитет. 

- Ова се работи што бараат обука, а тоа е она што го правиме со оваа специфична мисија за обука на безбедносните и полициските сили. Во реалниот живот, бомбите експлодираат. Во реалниот живот, луѓето се убиваат. Во реалниот живот откривате масовни гробници. А во реалниот живот луѓето што се во масовните гробници имаат роднини. Сето тоа се случува на ослободените територии и иако ова не е директно поврзано со борбите во првата линија на фронтот, тоа исто така е дел од издржливоста на украинското општество и издржливоста на украинскиот народ, рече Борел. 

Како што соопшти вчера Европската служба за надворешни работи, за време на дводневната посета на Киев, покрај посетата на Советодавната мисија на ЕУ, предвидено е Борел да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал и министрите за надворешни работи и за одбрана Дмитро Кулеба и Рустем Умеров, како и да се обрати и пред пратениците во Врховната Рада. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан