• понеделник, 22 април 2024

Борел: Време е Србија и Косово да се договорат за Анексот за имплементација

Борел: Време е Србија и Косово да се договорат за Анексот за имплементација

Брисел, 16 март 2023 (МИА) - Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи Жозеп Борел оцени дека сега е време Србија и Косово да се договорат за Анексот за имплементација, кој е составен дел на француско-германскиот договор за решавање на косовското прашање. .

Борел во својот блог порача дека е време да се преземе одговорност и да се појде кон ЕУ и потсети дека в сабота ќе свика состанок на високо ниво на дијалогот Белград-Приштина.

Тој рече дека оваа средба се разликува од претходните бидејќи ќе се разговара за Анексот за имплементација на неодамнешната Спогодба со ЕУ, што ќе резултира со далекусежна нормализација на односите меѓу Косово и Србија и ќе им го отвори патот кон ЕУ.

„За да го отворат патот кон остварување на нивната стратешка цел за влез во ЕУ, Србија и Косово мора да ги нормализираат односите. Нема начин тоа да се заобиколи“, напиша Борел.

Тој потесети дека во септември 2022 година, ЕУ, со поддршка на лидерите на Германија и Франција и американските партнери, дала „храбар предлог“ до претседателот на Србија, Александар Вучиќ и до премиерот на Косово, Албин Курти.

Како што најави Борел, овој предлог ќе стави крај на управувањето со кризи и ќе го пренасочи вниманието кон нормализација и помирување.

„Сега е време Србија и Косово да се договорат за Анексот за имплементација, кој е составен дел на Спогодбата, и да изразат јасно разбирање за тоа како да се спроведат неговите одредби“, истакна Борел.

Тој изјави дека ЕУ не е ниту обичен нотар, ниту страна во дијалогот, туку дека е и останува олеснувач во тој дијалог.

„ЕУ е конечниот дом за Србија и Косово. Ќе продолжам неуморно да работам за конечно да се постигне сеопфатен спогодба за нормализација на односите што е прифатлива за земјите-членки на ЕУ, е во согласност со меѓународното право и европското правно законодавство и придонесува за регионалната стабилност“, посочи Борел.

Тој посочи дека Спогодбата што сега е на маса е важен чекор кон таа цел.

„Ова е време лидерите на Косово, Србија и на целиот Западен Балкан да покажат храброст и да ја споделат одговорноста за успехот на процесот за приклучување на регионот кон ЕУ“, напиша шефот на европската дипломатија. ссм/

 

Остани поврзан