• четврток, 21 ноември 2024

„Борба против нелегални шумски активности“ тема на обуката за новинари и здруженија во Берово

„Борба против нелегални шумски активности“ тема на обуката за новинари и здруженија во Берово

Берово, 15 септември 2024 (МИА) - Околу 500.000 метри кубни дрва во земјава се илегално исечени и завршуваат на црниот пазар, покажуваат податоците од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Загрижува фактот што овие бројки се далеку над формалните податоци, истакна Сашо Петровски, претседател на Здружението „Рефорд“, во чија организација беше дводневната обука за новинари и претставници на невладини организации, а која се одржа викендов во Берово.

 Темата на обуката беше „Борба против нелегални шумски активности“.

-Формалните податоци на институциите се од 25.000 до 30.000 кубни метри на годишно ниво. И тие можат да се најдат во статистичките показатели, преку јавни информации од надлежните институции. Меѓутоа, одредени истражувања коишто прават споредби на потребите за загревање и официјалната потрошувачка, укажуват дека и околу 500.000 метри кубни на годишно ниво имаме нелегално дрво на пазарот. Во нашите презентации тоа би било како да наредиме дрво од Скопје до Ниш, ама ова испаѓа да може да наредиме и до Белград, дрво во височина од еден метар, изјави Петровски.

Универзитетскиот професор, Иван Минчев од Шумарскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“-Скопје истакна дека секоја неконтролирана сеча на шумите може да ги загрози и населените места. Тој го посочи примерот со пошумувањето на Водно веднаш по Втората Светска војна со цел да се заштити градот Скопје од поплави, потоа од ерозија на земјиштето, на објектите и населбите во близина, но и подобрување на водениот режим на поширокиот простор.

Според истражувањата на „Рефорд“ пустошењето на македонските шуми е резултат на илегалната сеча на шумата, бизнис кој е исплатлив и е поврзан со корупција, а дел од вработените во институциите се и корумпирани и им помагаат на организаторите и крадците.

Војо Соколовски, претседател на Здружение на приватни шуми вели дека последните податоци покажуваат оти годинава во пожарите изгореа околу девет отсто од шумскиот фонд. Посочува дека тоа се должи дел на климатските промени, но и на намерно палење на шумските појаси поради илегална сеча на дрјва, па и популарниот бизнис со пелети.

- Сомнежот како таков постои. Се шпекулира нормално со секакви информации. За жал се уште немаме никакви докази. Да, точно е дека на одредени места пожарот по којзнае колку пати се случува. Тоа не е случајно, вели Соколовски.

Петровски на дводневната обука во Берово истакна дека според нивни податоци во изминатите две години Шумската полиција има поднесено над 900 кривични пријави за нелегална сеча, а бројот на решени предмети е „нула“.

Во изминатата година „Рефорд“ организираше обуки и настани со надлежните институции за борба против нелегалната сеча на шумите“, а податоците од истражувањата ќе ги објават кон крајот на септември. вдј/ев/

ФОТО: МИА

 

Остани поврзан