• петок, 05 декември 2025

Боливијците денеска избираат претседател и парламент во услови на економска криза

Боливијците денеска избираат претседател и парламент во услови на економска криза

Сукре, 17 август 2025 (МИА) - Околу осум милиони од вкупно 11,3 милиони Боливијци денеска излегуваат на гласање за нов претседател, потпретседател и парламент, јави ДПА.

Кандидатите на конзервативната опозиција водат во анкетите, што укажува дека е можна промена на власта по речиси 20 години доминација на левицата. Политичката сцена е обележана од долгогодишната борба за влијание меѓу поранешниот претседател Ево Моралес (2006–2019) и неговиот наследник Луис Арсе. Арсе не се кандидира за нов мандат, а Моралес беше спречен да учествува со судска одлука.

Боливија, една од најсиромашните земји во Јужна Америка, се соочува со тешка економска криза: недостиг на странска валута и гориво, висока инфлација и растечко незадоволство, што може да ја зајакне опозицијата. Меѓу главните опозициски претенденти се конзервативниот експретседател Хорхе Кирога и бизнисменот Самуел Дориа Медина. Од левиот блок најперспективни се претседателот на Сенатот Андронико Родригез и поранешниот министер за внатрешни работи Едуардо дел Кастиљо.

Изборната комисија најави дека во текот на ноќта ќе бидат пребројани 80 отсто од гласовите.

Аналитичарите очекуваат на претседателските избори никој да не победи во првиот круг, а втор круг е закажан за 19 октомври. Новиот претседател ќе стапи на должност во ноември со петгодишен мандат. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан