• недела, 22 декември 2024

Божиновска – Пјат: Македонија со подадена рака од САД успешно ќе чекори кон зелената транзиција

Божиновска – Пјат: Македонија со подадена рака од САД успешно ќе чекори кон зелената транзиција

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Националните стратешки енергетски цели, зелената транзиција и потребата од инвестиции во гасификацијата и обновливи извори на енергија биле во фокусот на средбата помеѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со Џефри Рос Пјат, помошник државен секретар на САД за енергетски ресурси.

Како што информираат од Министерството, министерката на средбата истакнала дека една од стратешките цели на Владата е во наредниот период да ја намали увозната зависност на земјава од електрична енергија. 

- Една од стратешките цели на Владата е во наредниот период да ја намали увозната зависност на земјава од електрична енергија. Зелената транзиција и декарбонизацијата се меѓу приоритетите во наредниот период, а од клучен интерес е брз старт со реализација на проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори кои ќе бидат додадена вредност за електроенергетскиот систем. Ја прилагодуваме и законската регулатива согласно строгите ЕУ директиви, која ќе ни биде своевиден патоказ според кој ќе се движиме во иднина, истакнала Божиновска на средбата со Пјат.

Дополнуваат дека владините претставници, со високиот претставник на САД, размениле мислења во врска со активностите кои во наредниот период ќе се реализираат во сегментот гасификација, а се разгледале и можностите за евентуалното приклучување на земјава кон постојните гасоводи во регионот. 

Во рамки на посетата на САД, министерката Божиновска остварила средба и со Ерин Елизабет Меки, помошник директор на УСАИД за Европа и Евроазија во чиј фокус биле инвестициите во обновливи извори, заштитата на животната средина, придобивките од зеленото енергетско сценарио и влијанието на климатските промени.

На состанокот на кој присуствувал и министерот Меџити, биле истакнати заложбите на УСАИД кон реализацијата на проекти од јавен интерес.

- Разговаравме за потенцијалите на земјава околу започнување нови иницијативи и проекти кои ќе помогнат полесно да го изодиме патот кон зелената транзиција и намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Политичката стабилност е од круцијално значење во напорите за создавање клима за привлекување странски инвестиции. Разменивме слични ставови во врска со потребата од континуирана соработка за справување со еколошките предизвици, како и за поддршка на зелените иницијативи кои ќе помогнат кон одржливиот развој и заштита на животната средина во регионот на Југоисточна Европа, посочила Божиновска.

Од министерството дополнуваат дека таа неодамна остварила работен состанок со делегација на УСАИД предводена од Џери Дибл, претставник за Македонија, на која биле споделени важни стратешки приоритети, со акцент на модернизацијата на енергетските капацитети и мапирање на идните проекти за соработка. ар/нд/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан