• вторник, 24 декември 2024

Блокадата на пристапот кон депонијата кај Кочани продолжува, дел од барањата се исполнуваат

Блокадата на пристапот кон депонијата кај Кочани продолжува, дел од барањата се исполнуваат

Кочани, 5 ноември 2024 (МИА) – Граѓаните и еко-активистите кои го блокираат пристапот на камионите за собирање и транспорт на отпадот кон депонија кај Кочани продолжуваат со протестот и непрекинато, повеќе од 200 часа, го контролираат минувањето на возилата на крстосницата кон Пониква и кон селото Бели.

Присутните информираат дека не се откажуваат од своите барања со кои јавноста е веќе запозната, а според она што може да се забележи на терен е дека дел од нив почнуваат да се исполнуваат.

-Четири од петте барања што се доставени до градоначалникот и претседателот на општинскиот Совет се исполнети или се во фаза на реализација. Од страна на КЈП „Водовод“ обезбедена е 24-часовна стражарска служба на влезот на депонијата, која не дозволува пристап за неовластени лица. Се работи на расчистување на теренот заради поставување ограда кај главната капија, а потоа и операторот „Ескаватори“ треба комплетно да го огради останатиот дел од просторот. Исто така, се поставуваат столбови со осветлување на кои ќе се инсталираат и камери за видео надзор, истакна Венко Крстевски, учесник на протестот.

За сега неисполнето е првото и главно барање - да се поништи одлуката на Владата со која, до изградбата на регионалната депонија кај Свети Николе, отпадот од соседните општини Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево треба да се носи на депонијата кај Кочани, со што таа од општинска прерасна во регионална.

Состојбата на депонијата во моментот е драстично подобрена во однос од пред десетина дена, ѓубриштето е расчистено, обезбедени се големи количини земја за затрупување на отпадот, нема чадење, а механизацијата на конзорциумот „Бехтел – Енка“ сѐ уште работи на уредување на теренот.та/бт/

фото: МИА

Остани поврзан