• четврток, 21 ноември 2024

Битиќи: Во политиката влегов за да ја направам промената и додека не ја направам, нема откажување

Битиќи: Во политиката влегов за да ја направам промената и додека не ја направам, нема откажување

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Фатмир Битиќи, еден од потпретседателите на Социјалдемократскиот сојуз, кој си даде оставка од партиската функција веднаш по поразот на парламентарните избори, денеска во објава на „Фејсбук“ пишува дека влегол во политиката за да направи промена и дека не се откажува.

- Во политиката влегов за да ја направам промената и додека не ја направам, нема откажување, пишува Битиќи во објавата, не откривајќи повеќе детали.

По одржувањето на парламентарните избори на 8 мај, Битиќи преку видео порака објавена на социјалните медиуми поднесе оставка од партиската функција. 

- Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех, изјави Битиќи.

По поразот на изборите, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски во изјава за медиумите најави внатрешни избори на сите партиски тела и на локално и на централно ниво.

Од СДСМ најавуваат дека следната недела највисоките партиски органи ќе одржат состаноци на кои ќе се извршат подготовките за свикување отчетен Конгрес, согласно статусот на партијата.  

- Во тек се подготовки за процесите што ќе се случуваат во партијата, согласно статутарните постапки и она што беше јавно соопштено досега, по изборите. Наредната недела се планирани состаноци на раководството на СДСМ и Извршниот одбор за отпочнување на постапката за свикување отчетен Конгрес, согласно Статутот на партијата, брифираат од партијата. бак/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан