• четврток, 26 март 2026

Берлин: Руските напади се навреда, дури и кон Трамп

Берлин: Руските напади се навреда, дури и кон Трамп

Берлин, 26 мај 2025 (МИА) - Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул го обвини рускиот претседател Владимир Путин за измама и навреда, како на сојузниците на Украина, така и на самиот американски претседател Доналд Трамп, поради масовните воздушни напади врз украински градови викендов, јави ДПА.

- Путин ги погазува човековите права. Тоа е навреда – вклучително и кон претседателот на САД Доналд Трамп, изјави Вадефул за јавниот сервис АРД.

Тој нагласи дека Трамп вложил значителни напори за да го донесе Путин на преговарачка маса, а како одговор, Русија го изврши најголемиот воздушен напад од почетокот на инвазијата врз Украина.

Според украинските власти, во нападите што се случиле ноќта кон неделата загинале најмалку 12 лица, а десетици се повредени.

- Ова јасно покажува дека Путин не е заинтересиран за мир. Тој сака да ја продолжи оваа војна, а ние тоа не смееме да го дозволиме, рече германскиот министер.

Тој најави нови европски санкции и оцени дека ќе има „јасен одговор од Западот – и, верувам, од САД“.

Според него, во американскиот Сенат веќе се подготвува обемен пакет санкции „со сериозни последици за руската економија, кои ќе ѝ нанесат финансиска болка на Москва“.

Истовремено, Вадефул посочи дека вратата за разговори останува отворена: Украина е подготвена за дијалог, и Путин треба да седне на преговарачката маса. ссм/

фото: архива

Остани поврзан