• среда, 03 јули 2024

Бајден ќе има средба со гувернерите на американските држави од Демократската партија

Бајден ќе има средба со гувернерите на американските држави од Демократската партија

Вашингтон, 2 јули 2024 (МИА) – Претседателот на САД, Џо Бајден ќе одржи состанок со демократските гувернери за да ги увери дека е во добра форма, изјави неименуван претставник на Белата куќа.

Средбата ќе се одржи по неубедливиот настап на Бајден на минатонеделната дебатата со Доналд Трамп. Двајца претставници на претседателската администрација истакнаа дека средбата ќе се одржи во виртуелен формат од Белата куќа.

Бајден за време на дебатата честопати ги губеше мислите и зборовите, што ги зголеми стравовите за неговата возраст и ментална состојба, како и повици тој да се повлече од трката за освојување на номинацијата на Демократската партија за претседателските избори во САД.

Претходно, поранешната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси денеска изјави дека е легитимно да се изрази загриженост дали Бајден е способен да ја извршува функцијата.

- Мислам дека е легитимно да се праша: Дали ова е епизода или ова е состојба? изјави Пелоси одговарајќи на прашањето на Ем-Ес-Ен-Би-Си (МСНБЦ) за Бајден

Во меѓувреме, демократскиот конгресмен од Тексас, Лојд Догет јавно го повика Бајден да се повлече од трката за Белата куќа.

Догет е прв конгресмен од Демократската партија која го повика Бајден да се повлече, по лош настап на претседателот на минатонеделната дебата со Доналд Трамп.

- Признавам дека, за разлика од Трамп, првата посветеност на претседателот Бајден отсекогаш била кон нашата земја, а не кон самиот себе, се надевам дека тој ќе донесе болна и тешка одлука да се повлече. Со почит го повикувам да го направи тоа, посочи Догет. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан