• понеделник, 25 ноември 2024

Барт Де Вевер одново доби задача да се обиде да формира нова влада на Белгија 

Барт Де Вевер одново доби задача да се обиде да формира нова влада на Белгија 

Брисел, 2 септември 2024 (МИА) - Белгискиот крал Филип одново му ја довери обврската на лидерот на десничарската партија Нова фламанска алијанса (НВА), Барт Де Вевер да се обиде да формира нова Влада на Белгија, откако тој се откажа од таквата улога пред 10-тина дена. 

По откажувањето на Де Вевер, кралот на 23 август го задолжи лидерот на франкофонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), Максим Прево да посредува во обидите за формирање владин кабинет по јунските парламентарни избори. 

Повторното доверување на задачата за формирање Влада на Де Вевер уследи откако Прево вчера изјави дека „воодушевен од успехот на неговата мисија“ и дека сите партии кои се очекува да бидат дел од новата владина коалиција се „одлучни да ги спроведат важните реформи“. 

- Сите партии ја потврдија својата решеност да ги спроведат важните структурни реформи, кои треба да ја вратат Белгија на колосекот на просперитет и благосостојба за нејзиното население и економија. Сега останува да се одреди методологијата и начинот за продолжување на преговорите, изјави Прево. 

Белгиската Кралска палата соопшти дека врз основа на резултатите од мисијата на посредникот Прево, кралот решил одново да го назначи Де Вевер да ги продолжи преговорите меѓу петте можни партнери за формирање идна владина коалиција. 

- Де Вевер ја прифати оваа задача во телефонски разговор со кралот и ќе поднесе извештај за неговата мисија на 23 септември, се додава во соопштението на Палатата. 

Во преговорите за формирање на новата влада на Белгија, покрај Н-ВА и ЛЕ се вклучени и франкофонското либерално Реформско движење, фламанската социјалдемократска партија Прогрес (Вуројт) и десно центристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ). сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан