• понеделник, 23 декември 2024

„Балкан 2024“: Стереотипите и традицијата се уште бариери за македонската жена, неопходни системски мерки за повеќе жени на раководни позиции 

„Балкан 2024“: Стереотипите и традицијата се уште бариери за македонската жена, неопходни системски мерки за повеќе жени на раководни позиции 

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Стереотипите, традицијата, културата и верата се само некои од предизвиците со кои се соочуваат жените во земјава. Според статистиката, иако на исти позиции со мажите во однос на работата, тие земаат пониски плати, особено ако станува збор за раководни функции, беше речено пред почетокот на Женскиот економски форум (ВЕФ) - Балкан 2024 што се одржува денеска и утре во Скопје.

Учесниците испратија порака дека видливоста на жените мора да се зголеми со оглед на нивната исклучително битна улога во општеството.

Нагласена беше и потребата од воведување системски мерки за поставување повеќе жени на раководни позиции.

-Играме клучна улога, но тоа не е видливо, мора да се зголеми видливоста на жените. Тие треба и да се поврзат меѓусебно. Тука, на Форумот, не сме само за да разговараме, туку и за да дефинираме конкретни решенија. Кај нас, во Македонија, стереотипноста, традицијата, културата и верата се предизвиците кои треба да се совладаат. Тоа се наши бариери вградени со векови во нашиот живот. Единствен начин да се справиме со нив е да им пркосиме и постојано да се надградуваме за да можеме да продолжиме понатаму, изјави Ленка Угриновска, претседателка на Здружението на жени менаџери ЕЛИТ и претседавачка со Г100 за Северна Македонија.

Угриновска напомена дека во различни сфери, соодносот на жените на раководни позиции е различен.

-Во банкарскиот систем, на пример, изнесува 20 до 30 отсто, а во ИТ секторот е 30 - 40 проценти со што предничиме како земја во Европа. Најголеми компании кај нас што имаат жени на раководни позиции се „Алколоид“ и „Усје“, рече претседателката на ЕЛИТ.

Македонка Димитрова, претседателка на Организацискиот одбор на ВЕФ и претседателка на Институтот за одржливост ЕКОС, оцени дека се подобрува состојбата на жената не само во земјава, туку и генерално, во светски рамки.

-Заедно сме многу посилни. Затоа и го организираме овој Форум, а и не случајно во сите панели провејува одржливоста како лајф мотив. Ќе зборуваме за тоа како бизнисите можат да бидат одржливи, колку жените можат да го катализираат овој процес, колку може да поддржат зелена транзиција, дали се соочуваме со исти предизвици, со кои практики и со кои методи може да се подобри позицијата на жената и како компаниите можат да направат окружување кое ќе поттикнува кариерен развој на жените, но и услови да ги надминат традиционалните бариери, односно улогата на жената како сопруга, мајка, снаа,..., истакна Димитрова.

Според неа, жените во земјава не се поднеднакво конкурентни како мажите на пазарот на труд.

-Статистиката зборува дека на исти позиции жените земаат помали примања и ние току за тоа се залагаме, дека примањата се одраз на квалитетот и на подготвеноста, а не на родовата припадност. Раководните позиции посебно би ги издвоила, но сега веќе има т.н. квоти во земјите од ЕУ кои мора да се исполнат наредните неколку години. Ние тука малку заостануваме, рече Димитрова.

Угриновска во овој контекст дополни дека во земјите кои вовеле такви системски мерки, бројот на жените на раководни позиции се зголемил за 10 до 15 отсто, а во оние каде вакви мерки нема, растот е само два процента.

-Тоа е голема разлика. Најдобро е да се цени квалитетот, но единствен начин да се преземе приматот од мажите е воведување на вакви системски мерки. Нашето здружение сака тоа да го спроведе, да поднесе иницијатива до Законодавниот дом слично како Законот за избори и да има воведување такви системски мерки за повеќе жени на раководни позиции, од 40 до 50 отсто, истакна  Угриновска.

Економскиот форум на жени лидерки - „Балкан 2024“ се одржува под мотото „Жените го облекуваат светот“. За денеска и утре се најавени преку 40 панелисти. Учествуваат околу 270 лидери, претприемачи, активисти, истражувачи и академици, а целта е да се унапреди позицијата на жените во современото општество, особено во делот на економското јакнење, намалување на родовите нееднаквости и поттикнување женско лидерство.

На отворањето се обрати и претседателката Гордана Сиљановска Давкова која порача да се препознае и признае улогата на жената во процесите на одлучување и обликувањето на општеството. мч/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан