• петок, 05 декември 2025

Багај го демантира Трамп: Иран не испрати барање за обновување на нуклеарните преговори со САД

Багај го демантира Трамп: Иран не испрати барање за обновување на нуклеарните преговори со САД

Техеран, 8 јули 2025 (МИА)  - Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багај, денеска изјави дека Техеран не побарал состанок со САД, негирајќи ги тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека нуклеарните разговори се обновени.

-Од наша страна не е испратено барање за состанок до американската страна, рече Багај на прес-конференцијата, објави агенцијата Мехр.

Трамп претходниот ден изјави дека преговорите со Иран се „повторно на маса“ и дека наскоро би можел да се одржи состанок во Осло, Норвешка.

-Тие сакаат да разговараат, рече Трамп.

Во меѓувреме, Иран соопшти дека во јуни биле спроведени „агресивни воени операции против земјата“, вклучувајќи израелски напади на 13 јуни и американски воздушни напади на 22 јуни врз три нуклеарни објекти во Натанц, Фордо и Исфахан.

Како одговор, воздухопловните сили на Исламската револуционерна гарда на Иран започнаа контранапади како дел од операцијата „Вистинско ветување III“, лансирајќи 22 бранови ракети врз цели во Израел. Ракети беа истрелани и врз американската воена база Ал-Удеид, во Катар.

Прекин на огнот стапи на сила на 24 јуни.сд/

фото: МНР на Иран

Остани поврзан