• недела, 22 декември 2024

Атина пулсира во ритамот на утрешното финале на Конференциската лига – фестивал за фановите и драконски безбедносни мерки

Атина пулсира во ритамот на утрешното финале на Конференциската лига – фестивал за фановите и драконски безбедносни мерки

Атина, 28 мај 2024 (МИА) – Утрешното финале на УЕФА Конференциската лига меѓу Олимпијакос и Фиорентина што ќе се одржи во Атина, предизвика особено голем интерес во Грција, не само поради тоа што грчката метропола е домаќин, туку и поради тоа што еден од финалистите се црвено-белите од Пиреас, а градот веќе пулсира во ритамот на утрешното финале, јави дописничката на МИА од Атина.

Натпреварот ќе се одигра на стадионот на АЕК „Опап арена“, сега преименуван во „АЕК Арена“ на кој ќе присуствуваат нешто повеќе од 27.000 гледачи, а Атина од денеска се подготвува за финалето, како во забавниот дел, за љубителите на фудбалот, така и во безбедносниот, за се да помине во најдобар ред.

Дописничката на МИА од Атина ги посети двете главни локации во пресрет натпреварот – плоштадот „Коѕиа“ пред општинската зграда во центарот на Атина каде што утрово започна „UEFA Europa Conference League Fan Festival“ и стадионот во атинската населба Неа Филаделфија.

На дводневниот фестивал за фудбалските фанови поставени се фудбалски терен, разни фудбалски игри за најмладите, но и постарите, а она што е најинтересно за сите – пехарот што ќе го добие победникот.

Навивачите на двата тима, но и неутралните љубители на фудбалот, имаат можност денеска и утре да се сликаат со пехарот, до кој се поставени и официјалните дресови на Олимпијакос и Фиорентина.

- Се сликав со пехарот бидејќи утревечер ќе биде наш. Сигурно е дека ќе го освоиме, вели за МИА млад Грк кој со дрес од Олимпијакос се сликаше со трофејот, изразувајќи убеденост дека атинскиот тим ќе биде убедлив во дуелот со Фиорентина.

И додека во фан зоната пред општината е раздвижено и опуштено, на десетина километри од центарот на Атина во северозападниот дел на градот е мирно, стадионот АЕК арена е под драконски безбедносни мерки и никој, без соодветна акредитација не може да се доближи.

Стадионот од неделата е затворен откако беа направени и последните безбедносни проверки, утрово тренинг одржаа фудбалерите на Олимпијакос, а попладнево првиот тренинг ќе го имаат гостите од Фиренца.

Од грчката полиција денеска, на прес-конференција ги соопштија безбедносните мерки за утрешниот натпревар, коментирајќи дека странува збор за „празник на спортот“ и Грција мора да се погрижи се да помине во најдобар ред „бидејќи сликите од Атина ќе се емитуваат ширум светот“.

Портпаролката на полиција Константина Димоглиду информираше дека мерките предвидуваат две различни локации за собирање на навивачите на двата тима т.н. „Fan Meeting Points“, а движење на навивачите ќе биде контролирано, со полициска придружба и со линија од метрото и автобуси, што ќе сообраќаат само за натпреварот и за оние кои имаат билети.

Навивачите на Олимпијакос имаат црвени билети, на Фиорентина сини, додека пак неутралните гледачи имаат бели билети.

Навивачите на Олимпијакос планирано е да се соберат на специјално одреден простор во близина на спортската сала во Пиреас, од каде организирано ќе се упатат накај стадионот, додека пак збирното место за навивачите на Фиорентина во друг дел од Атина, на Олимпискиот стадион и под строги безбедносни мерки ќе бидат транспортирани до стадионот со автобуси.

Оние со бел билет, неповрзани со двата тима ќе можат да ја користат специјалната метро линија.

Строги ќе бидат мерките и вон и во стадионот, а на сите гледачи со обезбеден билет при влезот ќе им се вршат неколку проверки.

Паралелно, од утре наутро ќе бидат затворени и улиците во околината на стадионот, додека пак жителите на конкретната населба, според грчките медиуми добиле специјални акредитации за движење.

Според истите информации, за безбедноста ќе се грижат над 5.000 полицајци, хеликоптери, дронови, додека пак една атинска болница нема да работи со други пациенти и утре ќе биде во готовност во случај да биде потребна масовна интервенција.

Сања Ристовска

Фото: МИА

Остани поврзан