Арман: Франција е во критичен момент пред гласањето за доверба на владата
- Франција е во критичен момент поради неизвесноста за националниот буџет и иднината на владата, изјави денеска министерот за финансии Антоан Арман.
Париз, 3 декември 2023 (МИА) - Франција е во критичен момент поради неизвесноста за националниот буџет и иднината на владата, изјави денеска министерот за финансии Антоан Арман.
Очекувањата дека владата на премиерот Мишел Барние ќе падне оваа недела ги погодија пазарите на акции и обврзници во Франција, втората по големина економија во еврозоната, која е под притисок од зголемениот дефицит.
„Земјата е пред пресврт“, изјави Арман за ТВ Франс 2, додавајќи дека политичарите имаат одговорност „да не ја втурнат земјата во неизвесност“ со гласање за доверба.
Барние ќе се обрати на централните информативни програми на телевизија околу 20 часот, а се очекува да се соочи со гласање за доверба в среда или евентуално в четврток.
Доколку нешто не се промени во последен момент, неговата кревка коалиција ќе стане првата француска влада што ќе падне по гласањето за доверба од 1962 година. Падот на владата би оставил дупка во срцето на Европа, со оглед на фактот дека и Германија се подготвува за избори, со недели пред новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.
Буџетот на Барние, кој се обидува да го ограничи растечкиот дефицит преку нагло зголемување на даноците и намалувања на трошоците, наиде на противење од екстремно левичарски и екстремно десничарски политичари.
Екстремната левица и десницата заедно имаат доволно гласови за да го соборат Барние. Без доволно гласови во парламентот, Барние ќе мора да поднесе оставка, но Макрон би можел да побара од него да остане на чело на техничката влада додека тој бара нов премиер, што би можело да се случи веќе следната година. Во секој случај, не може да има нови предвремени избори пред јули.
Што се однесува до буџетот, доколку парламентот не го донесе до 20 декември, техничката влада би можела да предложи посебен вонреден закон за продолжување на буџетската политика како што беше годинава. Но, тоа би значело дека мерките за штедење планирани од Барние ќе пропаднат. паг/
Фото: МИА архива