• сабота, 13 декември 2025

Арапските земји го поздравија договорот за Газа и изразија надеж за сеопфатен мир

Арапските земји го поздравија договорот за Газа и изразија надеж за сеопфатен мир

Каиро, 9 октомври 2025 (МИА) – Повеќе арапски земји го поздравија договорот меѓу Израел и палестинското движење Хамас за првата фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, изразувајќи надеж дека тој ќе биде чекор кон сеопфатен мировен договор.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси го нарече договорот „историски момент што ја симболизира победата на волјата за мир над логиката на војната“.

Индиректните разговори се одвиваа во египетското летувалиште Шарм ел-Шеик на Црвеното Море од понеделникот.

„Овој договор не го затвора само поглавјето на војната; тој ја отвора вратата на надежта за народите на регионот за иднина заснована врз правда и стабилност“ напиша ел-Сиси на платформата Икс.

Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, во одделни соопштенија, исто така го поздравија договорот, ја пофалија улогата на Трамп и напорите на посредниците, и изразија надеж дека тој ќе придонесе за олеснување на страдањата на Палестинците во Газа, ќе ја врати безбедноста и стабилноста и ќе води кон праведен и траен мир заснован на решението за две држави.

Либанскиот претседател Жозеф Аун изрази надеж дека „овој договор ќе претставува прв чекор кон траен прекин на огнот и крај на хуманитарното страдање на народот во Газа“.

Тој додаде дека се надева оти „Израел ќе одговори на повиците на арапските и светските лидери да ги запре своите агресивни политики во Палестина, Либан и Сирија, за да се создаде позитивна клима за праведен, сеопфатен и траен мир кој ќе донесе стабилност на Блискиот Исток“.

Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абу ал-Геит, го нарече договорот „добра вест“ за народот во Газа по две години „крвопролевање и уништување на сè“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан