Анчелоти: Понекогаш посакувам да сум мува, да слушам што зборува некој играч дома
- Карло Анчелоти уште еднаш потврди дека Реал Мадрид е најдоброто место за него. Легендарниот тренер го поминува вториот мандат во кралскиот клуб и досега има освоено вкупно 15 трофеи.

Мадрид, 7 март 2025 (МИА) - Карло Анчелоти уште еднаш потврди дека Реал Мадрид е најдоброто место за него. Легендарниот тренер го поминува вториот мандат во кралскиот клуб и досега има освоено вкупно 15 трофеи.
Според него, клучот за континуираниот успех на тимот е менаџерската политика, предводена од претседателот Флорентино Перез, која помага во секој поглед.
-Реал Мадрид успеа да се прилагоди на модерниот фудбал. Во другите клубови нема таков сопственик. Овде газдите се како партнери, традицијата на Реал се пренесува од колено на колено. За ова беше многу свесен и Сантијаго Бернабеу, а потоа и Перез. Никој не е над самиот клуб, изјави Анчелоти.
Неговиот договор истекува во летото 2026 година, а потсети дека нема сам да си замине.
-Нема да одлучам кога ќе заврши мојот престој во Реал Мадрид. Порано или подоцна, претседателот ќе донесе одлука, порача тој.
Познатиот стручњак зборуваше за својата кариера која започна пред 30 години и која помина низ други големи тимови како Милан, Јувентус, Баерн, Челзи, Пари Сен Жермен...
-Понекогаш посакувам да сум мува, да слушам што зборува некој играч дома, откако не сум го ставил во игра. Многу фудбалери имаа проблеми со мене, се расправавме, но на крајот секогаш доаѓавме до разбирање. Имаше еден играч, нема да му го кажам името, кој кога разговарав во соблекувалната, намерно си ставаше крпа на лицето за да не ме слуша. Тоа беше на почетокот на мојата кариера. Еден ден едноставно реков дека не може повеќе вака да продолжи. Има момци кои кога ќе ги оставите на клупата, не сакаат ни да ви кажат „Добро утро“ следното утро. Го мешаат човекот со тренер, изјави Анчелоти. дс
Фото: Архива