• понеделник, 23 декември 2024

Антоновски: Нашата приказна е влегување во ЕУ, мора да ги спроведеме суштинските работи

Антоновски: Нашата приказна е влегување во ЕУ, мора да ги спроведеме суштинските работи

Скопје, 20 март 2023 (МИА) - Ние не сме во позиција да диктираме на кој начин ќе се одвиваат процесите за членството во ЕУ. За Србија ова е политичка цена која ја плаќаат во овој момент и има голема разлика. Тие на некој начин се откажуваат од територија, ние немаме таква приказна. Нашата приказна е влегување во ЕУ и не очекувам дека ќе се менува нешто во тој однос, освен ако не ги спроведеме оние суштински работи како што се владеење на правото, решавање на корупцијата и целиот пакет кој подразбира демократски амбиент и стандарди кои се познати во Европа, порача директорот на Медиумската информативна агенција (МИА) Драган Антоновски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.

Тој додаде дека ако сакаме да функционираме како држава, мора да ги спроведеме овие суштинските работи, а како што рече, историските приказни се тргнати на страна и таму ќе останат.

-Нашата приказна е влегување во Европска Унија и тука треба да испорачаш начин на кој тие те перципираат, а не како ние замислуваме. Историските приказни се тргнати на страна и мислам дека ќе останат на страна. Бугарите ќе продолжат со својата реторика, но не очекувам дека Македонија ќе остане загрозена во тој дел освен ако не го спроведе тоа што мора, рече Антоновски, зборувајќи за процесот на членството на нашата држава во ЕУ.

Во однос на францускиот предлог, Антоновски смета дека можеби требало истиот да се објасни претходно, односно кои се предностите а кои недостатоците, и што нам ни одговара а што не, па потоа да се изгради консензус во општеството и да се продолжи понатаму.

-Ние видовме дека опозицијата не се согласува со уставните промени и сега одиме во фаза каде велиме дека треба да ја вклучиме опозицијата, да направиме заеднички групи и да видиме што правиме понатаму. Тоа малку е задоцнето. ВМРО-ДПМНЕ ја „вози“ приказната и за уставните промени затоа што знае дека не може да се случат во Собранието, без нивните гласови. Во политичка криза сме, тие сакаат да издејствуваат избори и изборите ќе дојдат не се ни премногу далеку. Ние одиме по последиците не по причините. Но, која е поентата? Сакаме ЕУ и сакаме среден систем или сакаме уривање и добивање на власт? Ова е последица на криво израснат систем и сакаме да функционираме како Европа но не сакаме да смениме ништо од навиките, додаде Антоновски. бт/нд/

Остани поврзан