• недела, 22 декември 2024

Анкета: Над 67 проценти од Романците претпочитаат прозападен претседател

Анкета: Над 67 проценти од Романците претпочитаат прозападен претседател

Букурешт, 20 октомври 2024 (МИА) - Над 67 проценти од Романците би сакале идниот претседател на земјата да биде прозападен кандидат, додека 17,1 проценти се со спротивното мислење. Околу 3,9 проценти наведуваат дека тој аспект нема значење, а 11,5 проценти не знаат или не одговориле, покажуваат податоците од најновото истражување на социолошката агенција ИНСКОП (INSCOP).

Од испитаниците, 70,6 проценти би претпочитале некој со искуство, додека 24,5 проценти посакуваат некој помлад. За 3,7 проценти тоа нема значење, а 1,2 проценти не знаат или не одговориле.

Мнозинството од 44,5 проценти од учесниците преферираат иден претседател кој не е поврзан со партии, додека 41,9 проценти се на спротивното мислење. Други 7,1 проценти наведуваат дека овој аспект нема значење, а 6,5 проценти не знаат или не одговориле.

„Поголемиот дел од Романците изјавуваат дека би сакале прозападен и искусен претседател. Во поглед на односите со политичките партии, Романците се поделени на два речиси еднакви табора,“ коментира директорот на ИНСКОП Ремус Штефуријак.

Податоците покажуваат дека оние кои претпочитаат прозападен кандидат се гласачите на Мирча Џоана и Елена Ласкони, избирачите на опозициската партија „Сојуз за спас на Романија“ (USR), младите под 30 години, луѓето со високо образование и жителите на Букурешт или поголемите урбани средини.

Тие кои претпочитаат помлад претседател се симпатизанти на Елена Ласкони и Џорџе Симион, избирачи на „Сојуз за спас на Романија“ (USR) и националистичката партија „Алијанса за единство на Романија“ (AUR), како и жителите на руралните средини.

Истражувањето е спроведено меѓу 2.800 полнолетни лица во периодот 3–9 октомври 2023 година. ссм/

фото: архива

Остани поврзан