• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Анкета: Мнозинство од Американците се согласуваат со федералната подршка за „Ен-Пи-Ар“ и „Пи-Би-Ес“

Анкета: Мнозинство од Американците се согласуваат со федералната подршка за „Ен-Пи-Ар“ и „Пи-Би-Ес“

Вашингтон, 27 март 2025 (МИА) - Мнозинство Американци сметаат дека федералната влада треба да продолжи со финансирање на јавните радиодифузери „Ен-Пи-Ар“ (NPR) и „Пи-Би-Ес“ (PBS), се дознава од најновата анкета на истражувачкиот центар „Пју“.

Според анкетата, 24 проценти од испитаниците сметаат дека владата на САД не треба да продолжи со финансирање на NPR и PBS кое доаѓа од даночните обврзници, додека поголем дел, односно 43 проценти, сметаат дека федералното финансирање за тие медиуми треба да продолжи на истото ниво.

Анкетата покажа и дека 32 отсто од демократските гласачи редовно добиваат вести од NPR, во споредба со девет проценти од Републиканците. Триесет и еден отсто од Демократите редовно добиваат вести од PBS, во споредба со 11 проценти од Републиканците.

Резултатите од анкетата беа објавени додека траеше сослушувањето синоќа во Конгресот  на Кетрин Махер и Паула Кергер, директорки на NPR и PBS, а во врска со уредувачките практики и моделите за финансирање на нивните медиуми. Околу 16 отсто од буџетот на PBS го покрива Корпорацијата за јавна радиодифузија која е финансирана од Конгресот со годишен буџет од 500 милиони долари и која исто така поддржува и многу локални радија и телевизии. Само еден отсто од буџетот на NPR доаѓа од федералниот фонд.

Махер им кажа на законодавците дека нејзината организација лани добила нешто повеќе од 11 милиони долари во федерално финансирање.

Претседателот Трамп и некои републиканци ги обвинија јавните радиодифузери за пристрасност против нив и повикаа на затворање на корпорацијата.

Анкетата на „Пју“ беше спроведена меѓу 9.400 испитаници од 10 до 16 март. кб/сд/

 

Остани поврзан