Олгин: Работиме напорно за да имаме некои резултати следната седмица на средбата во Њујорк
- Имавме многу добра средба со Христодулидис, а утрово се сретнав и со Татар. Работиме напорно за да имаме некои резултати следната недела, рече личната претставничка на генералниот секретар на Обединетите нации за кипарското прашање Марија Анхела Олгин по средбата во Никозија со претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 7 јули 2025 (МИА) – Имавме многу добра средба со Христодулидис, а утрово се сретнав и со Татар. Работиме напорно за да имаме некои резултати следната недела, рече личната претставничка на генералниот секретар на Обединетите нации за кипарското прашање Марија Анхела Олгин по средбата во Никозија со претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.
Следната седмица, на 16 и 17 јули генералниот секретар на ОН во Њујорк свика состанок во проширен состав за кипарското прашање, а во пресрет на оваа средба Олгин го посети Кипар и се сретна како со лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар, така и со кипарскиот претседател.
По средба со Христодулидис посочи дека ќе продолжи попладнево и в среда да работи со преговарачите и изрази оптимизам и надеж дека средбата во Њујорк ќе биде добра.
Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис истакна дека е многу е важно што Олгин ја посети нашата земја пред да се пресели во Њујорк, откако го заврши циклусот контакти во Анкара, Атина, Лондон, Брисел и Париз минатата недела.
Објасни дека на средбата со кипарскиот претседател биле разменети мислења и дека „продолжуваат напорите со цел постигнување позитивен исход на мултилатералната средба следната недела“.
- Целта со која доаѓаме на овој мултилатерален состанок е да ја зачуваме, но и да ја интензивираме раздвиженоста постигната во последните две години, што претставува уште еден чекор кон целта за одново започнување на преговорите од точката каде што беа прекинати, во рамките утврдени со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации за конечно решение на кипарскиот проблем, истакна Летибиотис.
На средината на март годинава во Женева се одржа неформален проширен состанок, каде што беше одлучено новата средба да биде во јули.
Преговорите за кипарското прашање беа прекинати во јули 2017 година кога во Кран Монтана не беше постигнато решение. ср/сд/
Фото: Кабинет на претедателот на Кипар