• петок, 26 април 2024

Андонов за МИА: Штипскиот Основен суд работи со половина капацитет

Андонов за МИА: Штипскиот Основен суд работи со половина капацитет

Штип, 31 март 2023 (МИА) - Основниот суд во Штип има недостиг на судии, но и на судски службеници. Овој најголем суд во Брегалничкиот регион треба да има вработени 19 судии, но во него официјално има 13 судии, од кои на еден судија функцијата му е во мирување, бидејќи е член на Судскиот совет. Наплив на предмети имаат најмногу во делот на работните спорови, но и во прекршочниот оддел. На овие предмети работат вкупно пет судии, па често има помагаат и судии од кривичниот оддел.

Претседателот на Основниот суд во Штип, Ѓорѓи Андонов во видео интервју за МИА ја нагласува потребата за пополнување на испразнетите судиски места, но и за судски службеници.

-Факт е дека имаме недостиг на судии во сите судови, имаме судови како што е на пример судот во Делчево, каде што има само еден судија, па има потреба од делегирање на судии во тој суд од други судови. Судот во Берово исто така е без судии избрани во тој суд, вели Андонов.

Но, неговите очекување се дека пополнувањето на судските места нема да се случи веднаш, туку за две до три години. Смета дека под итно е потребна дигитализација на судството со цел побрзо и поефикасно решавање на судските предмети. Но, овој процес ќе оди тешко, бидејќи за информатичарите не се атрактивни платите ниту во судството, ниту во останатите државни институции.

Во продолжение следува целото интервју со претседателот на Основниот суд во Штип, Ѓорѓи Андонов со видео материјал.

null

Во Основниот суд во Штип најголем проблем е недостигот на судии, но и на судски службеници, ова го презентиравте и на последниот брифинг со новинарите. Како судот функционира со толкав број на испразнети места во оваа институција?

-Точно е тоа дека во нашиот суд има недостиг на судии. Согласно предвидените 19 судски места, моментално се пополнети 13, со тоа што на еден судија функцијата му е во мирување, бидејќи истиот постапува како член на Судскиот совет. Слична е состојбата и со бројот на судските службеници, бидејќи согласно систематизацијата за работни места во Основен суд-Штип предвидени се 120 работни места, од коишто моментално се пополнети седумдесеттина работни места, со што може да се каже дека нашиот суд работи со половина капацитет. Имајќи го во предвид ова, како и големиот број на предмети, коишто во текот на годината се примаат, ги добиваме во нашиот суд можам навистина да кажам дека и судиите и судската служба дава огромни напори за совладување на овие пристигнати предмети и покрај тоа што работиме со намален број на судии и на судски службеници. Сепак ние успеавме минатата година да примиме поголем број на предмети, но и да решиме поголем број предмети од претходната година. Имено примени се некаде околу 23.500 предмети, а решени се над 23.000 предмети, што навистина е бројка за почит. Сепак се надеваме дека во догледно време ќе се реши овој проблем со бројот и на судиски службеници и судии, со што работата на судот би била далеку поефикасна и поуспешна.

Во Основниот суд во Штип работат само 12 судии, меѓу тие 12 судии и вие како претседател земате предмети за работа. Каде е најголемиот притисок врз судиите, на кои оддели, односно дали на кривичен или на граѓанскиот оддел?

-Можам да кажам дека во нашиот суд поголем прилив на предмети имаме во областа на работните спорови. Забележително во последните години имаме бројка од над 1.000-1.500 предмети речиси секоја година и имаме зголемен број предмети во областа на прекршочната материја. Значи тоа се двете области во нашиот суд, каде што навистина се чувствува притисок од зголемен прилив од предмети и поради тоа ние имаме посебно внимание во овие области. Во областа на работните спорови работат и постапуваат тројца судии, додека во областа на прекршочни постапки работат двајца судии, со повремена помош и од останатите колеги во кривичниот оддел.

null

Од каде доаѓаат предметите во делот на работните спорови, дали од државните институции или од приватниот сектор?

-Поделено е тоа, но може да се каже дека поголем број на предмети сепак доаѓаат од институции, било тоа да е од државно или локално ниво. Додека помал број, но и тоа значителен доаѓаат од приватниот сектор.

Имавме прва пресуда за лажен стечај, не се пофаливте за ова и има ли некои такви други предмети во тек?

-Колку што сум јас запознат како претседател на судот немаме такви предмети, а сепак ќе кажам дека и таа постапка којашто е водена и пресудата којашто е донесена е дел од едно редовно и тековно постапување на нашиот суд и можеби некој друг тоа би требало да го промовира од тој аспект.

Да, но со вакви судски пресуди граѓаните и работниците имаат поголема доверба кон вас, судовите што и ви недостасува.

-Секако дека ние работиме на подобрување на довербата на граѓаните кон нашето судство. Тоа го детектиравме и го детектираме како проблем и го адресираме тоа прашање и се согласувам со вас дека можеби треба почесто да имаме излегување во јавноста, обраќање кон јавноста и промовирање на некои работи со цел граѓаните да бидат подобро запознаени со нашата работа.

Кога се очекува да се пополнат сите испразнети судиски места?

-Се надевам што поскоро, кандидатите коишто излегуваат за судии и обвинители од Академијата за судии и јавни обвинители и колку што знам има една генерација, којашто е завршена, во тек е обука на друга и оглас за следна генерација. Така да се надевам и имајќи во предвид времетраењето на тие обуки во следните две до три години веќе ќе имаме пополнување на испразнетите судиски места во целата држава, а особено во нашиот регион, бидејќи навистина се чувствува недостиг на број на судии не само во нашиот суд, туку и во сите судови на Апелациското подрачје во Штип.

null

Пред извесно време имавте интересен предлог, кандидатите коишто се запишуваат на Академијата за судии и обвинители да се знае кој кандидат каде ќе биде прераспределен во кој суд, од причина  да се пополнат тие испразнети судиски места, а вака се добива впечаток дека сите судии и обвинители сакаат и бараат да работат во Скопје.

-Тој предлог е на повеќе колеги-практичари и мислам дека тука сите можеме да се согласиме и најверојатно тоа е составен дел и на предлог Законот за Академија за судии и јавни обвинители. Колку што сум информиран се уште е во собраниска процедура и еве од ова место упатуваме апел таа постапка да биде што побрзо и поефикасно завршена со цел подоцна да се имплементира во пракса. Навистина, би било пожелно при апликацијата за Академија да имаме веќе определена квота на број на судски и обвинителски места по апелациски подрачја, со цел подоцна полесно да оди нивното прераспределување.

Последните податоци говорат дека има 230 испразнети судиски места, каде најмногу во внатрешноста или во Скопје?

-Па не можам да кажам со точност, не ги знам сите податоци за целата држава, меѓутоа еве ќе се задржам за нашето подрачје. Факт е дека имаме недостиг на судии во сите судови, имаме судови како што е на пример судот во Делчево, каде што на пример има само еден судија, па има потреба од делегирање судии во тој суд од други судови. Судот во Берово, исто така е без судии избрани во тој суд. Така што, можам да кажам дека тоа е појава што ги засега и е проблем за сите судови на нашето подрачје, а и на државно ниво.

Дали е добра состојбата во тој дел и во кочанскиот суд?

-Не сум запознат, но знам дека генерално и тие се соочуваат со недостиг на судии во тој суд.

Најголем број од предметите рековте дека ви се од работните спорови, тоа е еве да кажеме разбирливо бидејќи Штип е индустриски град, конкретно овде е текстилниот сектор, а исто така и ТИР зона. Колку предмети ви доаѓаат во вашиот суд и каква правда бараат работниците?

null

-Како што реков и претходно, бројот на предмети од оваа област секоја година ја надминува бројката од над 1.000 предмети во нашиот суд, што за нашиот суд е голема бројка. Моментално имаме околу 1.000 предмети од оваа област и најчесто се бараат неисплатени надоместоци по разни основи, вработените бараат од работодавачот, од институциите и од приватниот сектор, а секако во помал број се остварување и заштита на своите работнички права.

Значи во овој случај вработените во јавната администрација подобро си ги знаат своите права, отколку работниците во приватниот сектор.

-Тоа е ваш впечаток.

Дали годинава ќе има посериозни инвестиции, во делот на подобрување на условите за работа?

-Да, ние како суд имаме недостиг на судници. Во нашиот суд има само три судници, што навистина е малку, а тоа особено го увидовме во текот на Ковид пандемијата, кога мораше да се запазат и одредени страндарди заради одржување на рочиштата и од тие причини, ние подолго време имаме намера и веќе реализираме адаптација на една поголема просторија во нова четврта судница, за којашто се надевам дека некаде до летниот период ќе биде готова и веќе од наесен ќе биде ставена во функција. Се надевам дека во иднина ќе работиме на подобрување на овој дел уште повеќе. Исто така, би сакал да кажам дека константно работиме и на опремување на сите судници со дигитална опрема и навистина во овој дел имаме и помош од Судскиот совет, како и од странските партнери и од Министерството за правда и би сакал во овој дел да напоменам дека во овој дел работиме и на проект за реконструкција на просториите на Одделението на Основен суд во Пробиштип, со што би создале поволни услови за уште подобро работење на ова одделение. Ние имаме таму вработени и често нашите судии одржуваат рочишта и судења во тој град, во тоа одделение, а е во интерес на граѓаните за таа општина.

Дали Основниот суд во Штип се подготвува за оние онлајн судења, во делот да се екипира, опреми? Таква судница имаме еве Основен суд Кавадарци.

-Ви благодарам за прашањето, ова е тема за којашто јас лично доста се залагам и се надевам дека во иднина, за доста кратко време ќе се заокрожи процесот на целата дигитализација на судството. Тоа би значело и овозможување и на т.н онлјан или далечински судења. Секако за ова прво треба да се создадат законски претпоставки, односно измена на процесните закони, конкретно во Законот за кривична постапка и во Законот за парнична постапка, а секако и опремување на судовите за да бидат подготвени за овој тип на судења. Можам да кажам дека и со овие далечински судења и со дигитализацијата на судството, поврзувањето на институциите преку база на податоци, овозможување на целосна електронска достава на списи и акти меѓу институциите значително ќе се подобри ефикасноста на работењето, ќе се скрати времетраењето на постапките и секако дека тоа ќе биде поекономично.

Но, за ова треба пари и стручни луѓе. Информатичарите не сакаат да се вработат во државни институции имајќи во предвид какви се плати добиваат во ИТ фирмите.

-Точно е тоа имаме проблем да бидеме конкурентни како гранка, со останатите гранки да привлечеме вработени од овој профил, а јас морам да кажам дека според мене сите овие ИТ стручни лица се можност, доколку навистина сакаме да правиме една дигитализација на судството, мораме да привлечеме луѓе од тој профил, да ги екипираме судовите со цел што поуспешно работење. Ова е тема која ги задира не само информатичарите, туку и сите вработени во судството. Морам да нагласам дека проблемот со стаусот и платите и на судиите и на судските службеници е отворен проблем веќе подолго време и се надевам дека во скоро време ќе дојде до подобрување во овој дел и во оваа насока.

null

Дали тоа значи дека треба да има измени за платите на ИТ инженерите, за да влезат во државните институции и во судовите?

-Факт е тие не гледаат нас како неконкурентни во однос на останатите гранки и платите, коишто се предвидени за тие лица, можеби сметаат дека не се доволни, меѓутоа можам да кажам дека тоа чувство е на сите вработени во судството и од тие причини ние постојано и константно работиме на подобрување на статусот, го бараме тоа и се надеваме дека во скоро време ќе добиеме успех во оваа поле, а секако со целосна независност на судството, во однос на финансискиот дел.

Член сте на Судско-медиумскиот совет, еве според вас почнаа ли новинарите и судиите да се разбираат едни со други и да имаат доверба едни кон други?

-Би сакал најпрвин да кажам дека Судско-медиумскиот совет, како тело на Здружението на судии на Република Северна Македонија е единствен пример во Европа и е создаден по примерот на, такви Судско-медиумски тела има во САД. Основен е во 2018 година, веќе пет години постои и навистина претставува почеток на еден процес во којшто судството и медиумите ќе градат мост на доверба помеѓу себе и разбирање. Имено и на нас судиите и на вас медиумите ни е потребна соработка, дијалог за одредени прашања се со цел подобрување на транспарентноста и враќање на довербата на судството, како предуслов за успешно работење на судиите и на судството во целина. Можам да кажам дека во изминатите пет години е направено доста, можеби некој ќе каже дека не е доволно, но пак тоа е поттик ние во иднина уште подобро и повеќе да работиме на оваа проблематика и се надевам дека во скоро време овој совет ќе биде препознаен од јавноста, како релевантно тело за решавање на проблемите.

Скопје и Штип имаат лица за односи со јавност, меѓутоа новинарите се жалат дека во другите градови нема и едноставно се соочуваат со еден молк од страна на судската власт и од обвинителите. Зошто и дали работи на ова за да се подобри?

-Судско-медиумскиот совет работи по ова прашање, постојано апелира, но нема можност на некој да нареди на некого. Меѓутоа преку нашата пракса, работа и делување ние бараме од судовите да бидат потранспарентни, нивните лица за односи со јавност, односно портпароли да бидат постојано во комуникација со медиумите. Јас колку што сум запознаен во Скопје во Основниот кривичен суд постои и вработено лице, коешто е новинар, што е за поздравување. Меѓутоа, за жал во одредени судови, особено во помалите места верувам дека тоа не е можно, а какошто напоменав претходно имаме недостиг на судска служба. Така да во некои судови, какошто е нашиот лица коишто се распоредени на друго работно место ја завршуваат и работата на лица за односи со јавност.

Да, но новинарите многупати и не знаат на кого да се обратат во одреден суд, немаат лице за односи со јавност.

-Можеби е така, се согласувам дека е така и верувам дека е така и тоа мора да го промениме и пак ќе кажам преку делувањето на Судско-медиумскиот совет ние апелираме до сите судови ако немаат да назначат такви лица, коишто постојано ќе бидат во контакт со медиумите.

Според вас, која е најголемата придобивка од овој Судско-медиумски совет?

-Самото тоа што ние условно речено седнавме на една маса со новинарите и разговараме веќе повеќе години за проблеми и теми, коишто и тие ги бараат за подобрување на нивното работење, меѓутоа и ние судиите заради подобрување на нашата работа е успех според мене. Според мене исто така би требало да се работи на промената на свеста, морам да бидам и самокритичен еве од страна на судиите дека кај нас тоа оди малку побавно. Судството по самата природа, работата е по конзервативна, авторитетна средина и тој процес оди малку потешко. Меѓутоа веќе полека, но посигурно сфаќаме дека треба да се отвориме кон јавноста, за да можеме ние како судии и судство да успешно ја извршуваме својата работа. Така да од тие причини би нагласил дека овие разговори и дијалог што го водиме со новинарите ни помагаат и на нас судиите и на медиумите да ја осознаеме својата работа и да се едуцираме едни за други, а заедно да ја едуцираме јавноста за работата на судството.

null

Господине Андонов и понатаму имаме скромен процент на доверба кон судската власт. Зошто, имаме постојано изрекување на пресуди коишто јавноста не може да ги прифати, какошто се за Даравелски и за оние познати судски предмети, коишто ги водеше СЈО?

-Јас не би се согласил со вас дека довербата реално е мала, на последната анкета имаше дел во којшто кажуваше дека имаме релативна доверба од околу 20 отсто и тука се зависи од аголот на гледање на работите и перцепцијата, којашто ја има некој за таа работа. Јас како судија и дел од судството можам да кажам дека нам тие проценти, коишто постојано се истакнуваат во јавноста ни пречат и знаеме дека тие не се реален одраз на состојбата и верувам дека вие тоа го знаете и настојуваме тоа да го презентираме во јавноста. Се надевам дека во скоро време ќе успееме во тоа, самата наша работа, самите бројки говорат за тоа и како во секоја фела, не само во судството, секогаш постојат проблеми, недостатоци и тие проблеми треба да се адресираат, да се решаваат. Меѓутоа генерализацијата на одредени појави во судството не може и не треба да биде слика за целото судство.

Треба ли овде да има поголема улога Судскиот совет?

-Судскиот совет има законски надлежности и секако тие ја извршуваат својата улога согласно Закон, во секој случај треба да постапуваат по Закон.

Во Кривичниот законик ќе има измени, во Апелацискиот суд во Штип имаше дебата, беше и поранешниот министер за правда. Дали имате предлози како судии да се подобри овој законик?

-Кривичниот законик веќе има претрпено одреден дел на измени, а колку што сме информирани од Министерството за правда во тек е изработка на нов Кривичен законик, што ќе значи кодификација на казненото право во Република Северна Македонија и секако ние како судии-практичари имаме предлози, имаме свои забелешки и истите ги имаме истакнато до Министерството за правда и работната група. Она што јас би го истакнал во овој дел е дека ние како практичари сме многу заинтересирани и за измените во Законот за кривична постапка, бидејќи веќе тоа е процесен закон, којшто на некој начин е наша алатка во секојдневното работење и овде се надеваме и апелираме за измени, коишто ќе придонесат за уште поефикасно и побрзо завршување на постапките. Дел од тие измени се секако, кои претходно ги споменав е дигитализацијата на процесите, коешто ќе значи поефикасно работење. Така што, ние како судии имајќи ја  предвид нашата пракса и сознанија, коишто ги имаме, имаме увид и во добрите и лошите страни и предлагаме измени на процесните закони се со цел поуспешно работење.

Постојано има измени на некои закони, дали судиите се вклучуваат и даваат предлози, за да се подобрат законските решенија, еве сега го имаме Законот за работни односи?

-Значи на повик и на барање на Министерството за правда и работните групи, наши судии се вклучуваат во тие јавни дебати, учествуваат во тие работни групи и даваат свој придонес со цел измена на законите, за поуспешно постапување по истите.

Викторија Димитрова-Јованова

Видео и монтажа: Аслан Вишко

Фото: Борис Куноски

 

Остани поврзан