Ангеловска-Бежоска: Стабилизирањето на инфлациските очекувања е приоритет за централните банки
- Централните банки и политиките кои ги водат тие мора да бидат посветени на среднорочната стабилност на цените. Во услови на висока инфлација и инфлациски очекувања, монетарните власти немаат
Скопје, 21 октомври 2022 (МИА) - Централните банки и политиките кои ги водат тие мора да бидат посветени на среднорочната стабилност на цените. Во услови на висока инфлација и инфлациски очекувања, монетарните власти немаат многу простор да им се посветат на другите цели надвор од нивниот основен мандат, посочува гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во авторски текст за угледниот српски неделник „Нин“.
Како што информира Народната банка, Ангеловска-Бежоска посочува дека поради големата трговска отвореност на земјите од Западен Балкан, глобалните движења на цените имаат силно влијание врз инфлацијата во регионот, којашто во просек достигна 13,5 отсто и иако производниот јаз во многу економии во регионот и натаму е негативен, инфлациските очекувања се под влијание на долготрајниот пораст на влезните трошоци, цените на храната и на знаците за преносните ефекти врз останатите цени.
- Централните банки ќе мора да управуваат со инфлациските очекувања во сè понеизвесните економски услови, надополнети со геополитичките фактори. Колку подолго има висока инфлација, толку е поголем ризикот во однос на инфлациските очекувања, кредибилитетот на политиките и отворањето на спиралата на платите и цените. Затоа, повеќе од сигурно е дека на глобален план го напуштаме амбиентот на ниски каматни стапки. Големите централни банки коишто ги диктираат условите за глобално финансирање, како ФЕД и ЕЦБ, веќе започнаа со затегнување на монетарната политика, а нивниот пример го следат и другите централни банки, пишува гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Дел од централните банки во регионот, според неа, доста агресивно ја затегнуваат монетарната политика, додека друг дел преземаат поумерени чекори.
- Ова укажува дека настрана од глобалните фактори, спецификите на националните економии ја условуваат поставеноста на монетарната политика. Главниот предизвик е да се избегне премногу проциклична монетарна политика и прекумерни трошоци за реалната економија и на тој начин да се зголемат ризиците за финансиската стабилност. Во оваа неизвесност, еден од најважните столбови на политиката на централните банки е навремената и ефективна комуникација со јавноста, смета Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката понатаму посочува дека во овој макроекономски контекст многу е важно да се задржи вниманието кон спроведувањето на структурните реформи, коишто се клучни за подигнување на потенцијалот за раст и зајакнување на отпорноста на економијата. Таа наведува и дека голем број од предизвиците со кои се соочуваат земјите од регионот денес се резултат на бавното спроведување на структурните реформи во минатото. мд/сп/