• среда, 20 ноември 2024

Американски советник за безбедност: Можно е Бајден и Си да се сретнат годинава

Американски советник за безбедност: Можно е Бајден и Си да се сретнат годинава

Пекинг, 29 август 2024 (МИА) - Претседателот на САД, Џо Бајден, би можел повторно да се сретне со својот кинески колега, Си Џинпинг, веројатно на меѓународен состанок во ноември, изјави денеска Џејк Саливан, националнен советник за безбедност во Белата куќа.

Саливан, кој зборуваше по три дена состаноци со високи кинески претставници во Пекинг, рече дека е веројатно и Бајден и Си да присуствуваат на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Перу и состанокот на Групата 20 (Г20) во Бразил - двата во ноември.

- Веројатноста е дека тие ќе бидат таму и ако се таму, би било природно да имаат можност да седнат еден со друг, рече Саливан, но нагласи дека не најавува или потврдува средба.

Бајден последен пат се сретна со Си во ноември минатата година на маргините на самитот на АПЕК во Сан Франциско.

Саливан изјави дека за време на тридневната посета на Кина разговарал со кинеските политичари и воени претставници вкупно 14 часа и бил примен од Си на крајот на престојот. Пред тоа, тој одржал разговори со министерот за надворешни работи Ванг Ји и еден од највисоките воени лидери на Кина, Жанг Јоушија.

Саливан го опиша разговорот со Жанг како „многу корисен“ и рече дека тоа им овозможило на двете страни „можност да објаснат што прават“.

На средбата се осврнале на прашања како што се ситуацијата во Јужното Кинеско Море и теснецот меѓу Кина и Тајван. Но, Саливан потенцираше дека не бил постигнат договор за теми како што се трговските тарифи и не бил постигнат напредок кон решение за војната на Русија против Украина.ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан