• понеделник, 25 ноември 2024

Акција на косовската полиција во Зубин Поток во северно Косово, запленето оружје и уапсено едно лице

Акција на косовската полиција во Зубин Поток во северно Косово, запленето оружје и уапсено едно лице

Приштина, 13 јуни 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља објави дека во акција на косовската полиција во селото Угљаре во Зубин-Потоку, северно Косово, денеска биле откриени и запленети рачни бомби и долго оружје и дека едно лице е уапсено, јави дописникот на МИА од Приштина.

Свечља на својата Фејсбук страница, покрај информација за акцијата, објави и фотографијата на лицето кое е осомничено и уапсено.

Тој ја опиша денешната акција како уште еден успех во заложбите на Владата за „искоренување на криминалот и отстранување на криминалните остатоци од Србија“ во Косово.

- Нашата заложба за искоренување на криминалот и отстранување на криминалните остатоци од Србија во нашата земја продолжува успешно. Оружје и експлозивни направи, како рачни бомби, долги цевки, муниција, радио комуникации, панцири и технолошка опрема откри денеска косовската полиција при рација на локација во селото Угљаре во Зубин Поток. Лицето кај кое е пронајдено ова оружје и опрема е уапсено, а предметот е процесуиран во Обвинителството. Нема компромиси со криминалот, поединци или групи кои ѝ штетат на безбедноста на нашата земја и нашите граѓани, напиша Свечља.

Косовскиот министер за внатрешни работи порача дека институциите ќе работат на „заштита на државните интереси, безбедноста на граѓаните, владеењето на правото и редот во секој агол од државата“. иа/мс/

Остани поврзан