• недела, 22 декември 2024

„Акор“ и „Луј Витон“ го преземаат брендот „Ориент-експрес“

„Акор“ и „Луј Витон“ го преземаат брендот „Ориент-експрес“

Париз, 14 јyни 2024 (МИА) - Француската верига хотели „Акор“ и гигантот за луксузни стоки „Луј Витон - ЛВМХ“ вчера соопштија дека склучиле стратешко партнерство за обновување и развој на легендарниот бренд „Ориент-експрес“.

Станува збор за „стратешка инвестиција во брендот ‘Ориент-експрес’, т.е. компанијата што ќе управува со идните хотели и возови и во ентитетот што ќе ги поседува двата едрени брода“, соопштија компаниите. Од тие два брода, првиот се гради во Франција, а двете групи ќе продолжат да бараат и трет партнер за овој потфат.

Легендарниот луксузен воз „Ориент-експрес“, сообраќал меѓу 1883. и 1977 година поврзувајќи го Лондон, Велика Британија, и Париз, Франција, со Северна Италија, Средна Европа, Балканот и Константинопол (Истанбул), Турција.

- „Ориент-експрес“ е легенда уште од неговото создавање пред 140 години. Со „ЛВМХ“ денес отвораме ново поглавје во ова возбудливо патување, со замисла да истражуваме нови хоризонти и да ја отелотвориме смелоста и креативната страст што ги поттикнуваат нашите групи, изјави Себастијен Базин, претседател и извршен директор на групацијата „Акор“.

Бернар Арно, претседател и извршен директор на „ЛВМХ“, рече дека партнерството „има за цел да го забрза обновувањето“ на оваа историска сообраќајна линија.

- „Ориент-експрес“ ја олицетворува уметноста на префинетото живеење и смелоста што ги движи нашите куќи, истакна Арно.

„Акор“ планира да отвори луксузни хотели под името „Ориент-експрес“ во Рим и Венеција, а лансирањето на првиот брод крстосување „Ориент-експрес“ се предвидува за 2026 година. „ЛВМХ“ веќе управува со услугата за луксузни возови „Венис симплон - Ориент-експрес“ преку својата подружница „Белмон“.  си/

Фото: Википедија

Остани поврзан