Азески на Евроазискиот самит во Истанбул
- Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески учествува на Евро-азискиот Самит што денеска и утре се одржува во Истанбул на тема: „Колаборативен пристап за климатска акција“, во организација на Светската коморска федерација (World Chambers Federation – WCF) и Унијата на комори и стокови берзи на Турција (TOBB).
Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески учествува на Евроазискиот самит што денеска и утре се одржува во Истанбул на тема: „Колаборативен пристап за климатска акција“, во организација на Светската коморска федерација (World Chambers Federation – WCF) и Унијата на комори и стокови берзи на Турција (TOBB).
-Овој клучен настан има за цел да ги обедини највисоките претставници од коморите, деловните лидери, експертите и засегнатите страни од јавниот и приватниот сектор да разговараат за улогата на коморите во поттикнувањето на глобалната економска трансформација и промени, да ги истражат најновите случувања за климатските промени и да ги нагласат проактивните мерки што коморите и бизнисите ги преземаат за справување со климатските ризици, користењето технологии за одржлив развој и циркуларна економија, прашањето за декарбонизација,..., информира Стопанската комора.
Ќе има можности, додаваат, и за вмрежување со деловни делегации од различни земји во регионот, преку B2B средби.
-На самитот на Светската федерација на комори за Европа и Азија, коморите кои го претставуваат деловниот свет ширум светот ќе ги финализираат своите ставови за климатските промени пред Самитот Б20 и Г20 во Бразил на 24 октомври и самитот COP29 во Баку на 11 ноември, разговарајќи за можностите за нула емисии, климатски технологии и иновации и финансирање на климатските промени, посочуваат од Стопанската комора.
Во рамките на овој Самит, како што нагласуваат, ќе се одржи и првиот состанок на Советот на жени при коморите во рамки на WCF, на кој од Стопанската комора ќе учествува Елена Милевска Штрбевска, претседател на Постојаниот избран суд – Арбитража при Комората.
На настанот е најавено учество на над 700 претставници од стопанските комори и бизнис делегации ширум светот. Со тоа, преку коморското поврзување, бизнисмените од преку 40 комори и држави ќе имаат можност да разменат искуства за најновите предизвици во современото деловно работење и да остварат деловна соработка преку организираните бизнис средби.
Регионалните самити на WCF ги обединуваат членовите на глобалната мрежа на стопанските комори на WCF, со цел глобалните предизвици и можности да се согледаат преку еден поширок регионален објектив.вј/хс/
Фото: МИА архива