• недела, 21 јули 2024

Азески: Ако е дадена согласно нашите заложби и во интерес на бизнисот, ја поддржуваме изјавата на Мицкоски за ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“

Азески: Ако е дадена согласно нашите заложби и во интерес на бизнисот, ја поддржуваме изјавата на Мицкоски за ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - Се надевам дека вчерашната изјава на Мицкоски за ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“ е дадена во согласност со нашите заложби за континуитет на правните договори што ги склучила претходната влада и ако се работи за подобрување во интерес на бизнисот, ние ќе ја поддржиме таа работа, рече денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Одговорајќи на новинарски прашања по работната средба со раководството на „Македонија 2025“, Азески информира дека „Бехтел и Енка“ се нови членки на Стопанската комора.

-Тие беа тука да се зачленат. Разговаравме. Во разговорот беше спомнато дека во пикот на активностите ќе им требаат 4 000 луѓе, ќе бидат ангажирани на сите четири делници на кои ќе работат. Во нашето соопштение тоа беше прецизно истакнато. Тоа значи дека имаат дел работници, дел треба да обезбедат. Имаат време кога ќе е пикот и мислам дека тоа е само една најава. Што се однесува до изјавата на Мицкоски дека ќе има ревизија на договорот, се надевам дека таа е дадена во согласност со нашите заложби за континуитет на правните договори што ги склучила претходната влада и ако се работи за подобрување во интерес на бизнисот, ние ќе ја поддржиме таа работа. Ако не, бараме да се остане на она што е, истакна Азески.

Секој што ќе дојде, напомена, ќе биде соодветно пречекан во Комората.

-Штом некој решил да дојде, значи дека има потреба за тоа. Ќе ги поддржиме, тие се значајни компании, меѓутоа, ако има проблеми во имплементацијата, ќе процениме каде и што е потребно да направиме. Главно, ќе бидат поддржани компаниите што работат во согласност со законите, ќе бидат санкционирани тие што не работат во согласност со законите и прават прекршоци, рече Азески.

Во врска со вчерашната најава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски за поволен заем од една милијарда евра, претседателот на Комората потенцира дека државата може да се задолжува, но парите треба да се искористат продуктивно.

-Господ да е на помош на сите што ќе овозможат да се донесат нови пари во Македонија. Али тие пари мора да бидат употребени за продуктивни нешта. Тоа е ставот на Стопанската комора како најголема бизнис асоцијација. Значи, можат и може државата да се задолжува во наредниот период, но само за продуктивни цели. Овие искуства што ги имавме досега не обврзуваат и зборуваат дека на тоа треба да се опстане, подвлече Азески.

Мицкоски вчера изјави дека за договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции - да се раскине или да се репреговара. 

-За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции. Едната е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот. Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одерена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Мојата порака е дека како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме, рече Мицкоски. мч/дма/

фото/видео: МИА

Остани поврзан