Адвокатите на Палевски тврдат дека тој на 27 ноември 2023 бил во банка, побараа и утврдување на базните станици на неговиот телефон
- Одбраната на Љупчо Палевски денеска во Основен кривичен суд Скопје презентираа материјални докази, вклучувајќи уплатница од банка од 27 ноември 2023 година со која тврдат дека во критичниот период Палевски не бил на местото на убиството на Вања Ѓорчевска.

Скопје, 5 март 2025 (МИА) - Одбраната на Љупчо Палевски денеска во Основен кривичен суд Скопје презентираа материјални докази, вклучувајќи уплатница од банка од 27 ноември 2023 година со која тврдат дека во критичниот период Палевски не бил на местото на убиството на Вања Ѓорчевска.
Адвокатите наведоа дека барале запис од надзорните камери на Халк Банка за истиот период за да утврдат кога Палевски влегол во банката. Според нив, Палевски двапати се враќал во банката во експозитурата Буњаковец на Партизански одреди поради уплатницата, а доставената уплатница покажува дека трансакцијата е направена во 11:40 часот.
- Не би ја барале таа снимка ако не направи разлика. Значи едно е кога е извршена уплатата, а друго е дали претходно Палевски бил внатре и чекал ред со посочениот сведок. Тоа сакаме да го докажеме, дека Палевски претходно бил и чекал некаде повеќе од 20 минути или 40, не знам сега точно да ви потврдам, меѓутоа снимките тоа ќе го утврдат дека Палевски бил таму. Како што кажав не може на две места да биде истиот во исто време, изјави адвокатот Јовица Страшевски.
Обвинителката приговори на овој доказ тврдејќи дека критичното време на уплатницата не е релевантно за случајот, бидејќи видео снимки од Сејф сити покажуваат дека возилото на Палевски се вратило во седиштето на партијата Десна во 10 часот, а уплатницата е од 11:44 часот.
Судот го прифати предлогот да ја прибави како доказ снимката од Халк банка за периодот од 9 до 12 часот.
Одбраната на Палевски денеска поднесе предлог до судот да ги утврди базните станици на неговиот телефонски број, тврдејќи дека е невозможно обвинителството да нема информации за базните станици за него во овој период.
-И сега го тврдиме истото дека од оние докази кои ги достави Обвинителството до нас, ЦД и УСБ материјалите не постои за Љупчо Палевски, за наведениот број, не постои ниедна базна станица. Невозможно е за сите други да има базни станици во тој период, само за Палевски да нема. Не знам зошто тоа го крие Обвинителството и зошто се противи на наше барање ние да бараме од Телеком судот да го обезбеди овој доказ и да ги спротивставиме доказите, рече Страшевски.
Судот го одби предлогот, посочувајќи дека нема доказ дека обвинетиот го носел телефонот со себе.
Судот, исто така, го одби барањето да се утврди дали е одземено оружје од обвинетиот Боре Видевски, наведувајќи дека на оваа околност веќе се собрани докази.
Претходно денеска беше испитан сведок на предлог на Палевски кој сведочеше за потрагата по Панче Жежовски и претресот кај Јасминка Видевска.
Судењето продолжи со предлагање на докази од страна на обвинетиот Љупчо Палевски.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година. ар/са/
Фото: МИА архива