• четврток, 04 декември 2025

Николов и Ѓурчевски ги претставија приоритетите за своите дипломатски активности пред матичната собраниска Комисија

Николов и Ѓурчевски ги претставија приоритетите за своите дипломатски активности пред матичната собраниска Комисија

Скопје, 15 јули 2025 (МИА) - Вонредените и ополномоштени амбасадори на Северна Македонија во Франција и во Хрватска, Игор Николов и Драган Ѓурчевски денеска пред собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија ги претставија своите приоритети. На двајцата новоименувани амбасадори приоритет ќе им биде зајакнувањето на економската соработка преку интензивирање на економската дипломатија, на културната соработка, како и повеќе активности со дијаспората.

Николов, претставувајќи ги приоритетите, рече дека негов фокус ќе биде зајакнување на севкупните билатерални односи, преку размена на високи посети, директни комуникации и лобирање за полноправно членство во ЕУ.

-Франција зазема претпазлив став во однос на проширувањето на ЕУ, со фокус на продлабочување на Унијата и реформирање на нејзините институции. Тоа го видовме во 2019 година, кога Париз наметна и покажа една нова димензија на ангажман преку поддршка на нова методолошка реформа на процесот на пристапување. Во однос на безбедноста Франција препознава стратешка важност на регионот и неговата стабилност и безбедност има билатерални и мултилатерални механизми со кои се користи и со кои соработува со државите од регионот, посочи Николов.

Според него, особено значајно за Франција е културниот развој, односно културното влијание, образовното влијание коешто Париз настојува да го зголеми со присуство на Франкофонијата во регионот.

-Во однос на билатералните односи би сакал да кажам дека тоа треба да биде приоритетна активност на Амбасадата. Билатералните односи меѓу двете земји се карактеризираат со едно традиционално пријателство, заемна почит, контиунирано развивање на политичките, економските и културни и безбедносни врски, коишто започуваат уште од 1993 година кога Франција претставува важен партнер на земјава во процесот на евроинтеграции, рече тој.

Тука, додаде, постојат повеќе сегменти на зајакнување на политичкиот дијалог кој е во контиуниран пораст и подобрување, потсетувајќи дека Франција одигра клучна улога во деблокирањето на процесот на отпочнување на преговори за членство во ЕУ.

-Економската соработка е важен момент, таа е под нивото на потенцијалот што постои. Имаме потенцијал да работиме на развојот на економската соработка, заради тоа што постои поголем интерес на фирми и на компании од Франција заинерсриани за инвестирање во области како што се енергетика, инфраструктра, информатика, животна средина итн. Во однос на културната и образовната соработка и туризмот би сакал да подвлечам дека културната дипломатија е онаа која може да влијае на подобрување на меѓусебните билатералните односи, посочи тој. 

Додаде дека во однос на безбедносно-одбранбената соработка во рамки на НАТО и ЕУ двете земји соработуваат во областа на одбраната, борбата против организиран криминал тероризмот и кибер безбедност.

Посочи дека планира повеќе конкретни активности во делот на јакнење на билатералната и политичка соработка, пролабочување на редовниот политички дијалог, аналитичко следење и опсервација на внатрешната и надворешната политика а Франција, вложување напори за проширување на парламентарната соработка.

-Ќе лобирам за зајакнување на поддршката за полноправно членство во ЕУ, одржување редовни средби со претставници на дипломатскиот кор акредитирани во Париз. Има простор за многу работа во однос на економската дипломатија, треба активна промоција на економските потенцијали на земјата пред француските инвеститори, поттикнување на трговијата и инвестиции во стратешки сектори како што се енергетика, информатика. Развој на образовната и научната соработка, обука на наставен кадар промовирање на францускиот и македонскиот јазик во училиштата, организирање и поддршка на културни настани, изложби, фестивали, иницијативи коишто ќе ја приближат културата и вредностите на двете земји, поврзување на здравствените инстиуции, а во однос на одбраната - унапредување на капацитети за справување со хибридните закани, потенцира Николов.

Посочи оти ни е потребна и експертска поддршка од Франција во клучни области како владеење на правото, борба против корупцијата, усовршување и поодбрување на работата на јавната администрација.

Пратеничката од СДСМ Бисера Костадиновска Стојческа го запраша Николов дали ќе се залага за назначување амбасадор во УНЕСКО, како клучна организација за земјава, тој одговори потврдно и кажа дека ќе се заложи и за отворање на културно-информативни центри во двете земји.

Ѓурчевски, вонреден и ополномоштен амбасадор на земјава во Хрватска, кажа дека во време на современи предизвици со кои се соочува секоја држава, дипломатијата останува да биде константа во процесите за изградба на мостови меѓу народите и државите и главен промотор за соработка и дијалог - константа која означува стабилност и прагматизам, конзистентност и принципи, идентитет и сојузништво.

Тој посети дека Хрватска претставува една од најуспешните транзициски приказни на простороие на поранешна Југославија. 

Најави дека во текот на неговиот мандат ќе биде силно фокусиран на унапредувањето на билатералната соработка во различни сфери од заемен интерес, ќе се залага за интензивирање на динамиката на официјални посети, ќе се залага за унапредување на соработката во безбдноста и одбраната во рамки на НАТО, поддршка на нашата евроинтеграција преку користење на хрватското искуство и експертиза во преговарачкиот процес, зајакнување на парламентарната соработка, развој на соработката во образованието, преку развој и стимулирање на меѓууниверзитетската соработка.

-Во соработка со КИЦ во Загреб, ќе обезбедам широка промоција на нашето културно богатство, преку иницијативи за реализација на дисперизирани проектни активности. Активно ќе го поддржм нивото на соработката меѓу локалните власти во двете земји, како и зајакнување на јавната дипломатија, нагласи Ѓурчевски.

За економската соработка, додаде тој, општ е впечатокот дека политичките односи не се следени со соодветна економска и бизнис соработка помеѓу двете земји.

-Тука има потенцијал за меѓусебно подобрување. Во делот на надворешно-трговска соработка, за жал Хрватска не е во првите 20 земји по нивото на трговска размена. Економсата промоција на земјава кај хрватските инвеститори ќе биде еден од главните приоритети во моетои работење интензивирање на активностите на економската дипломатија, потенцира Ѓурчевски.

На седницата за надворешна политика и надворешна трговија поминаа и Предлогот на закон за ратификација на Договорот за Централноевропската програма за размена на универзитетски студии (ЦЕЕПУС IV); Предлог на закон за ратификација на Договорот за пристап до високо образование и прием на студии во Западен Балкан, како и Предлог на закон за ратификација на Договорот за стратешка соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Унгарија. нд/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан