• среда, 27 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
12 октомври 2020 Верувања и суеверија Верувања и суеверија од Прилеп Не само дете се урочуа и друга животинка ами и цвеќе, лозје и секакво дрво со јемиш. Секи чоек требало да речи машала коа ќе видел некое убао дете, коњи и друго нешто, арно ама секој чоек не можи да се сети да речи машала, тики се урочуало. За да не се урочи цвеќе, али куќа нова. али некое дрво полно со род, требало да му се обеси една глајца лук, едно јајце и троа црвено предено. Мнозизна луѓе ми прикажуале што виделе да урочи чоек што има лоши очи – цвеќе и на часо да овенеи како со врела вода да си го попарило. Ми прикажуал Сандо Тролев за еден чоек во Штип што има лоши очи и што видел, се ќе урочел. Јавајќи еден Турчин во Штип еден убав коњ, го видел чоеко со лошите очи и му рекол на Санда: - Сакаш, Сандо, да го урочам коњон и да падни сосе Турчин наземи? Сандо тоа нешто не го поверуал, арно ама едно дошол коњо поблизу до чоеко и му се опулил арно на коњо, туку беше ти е јаладисал сосемати Турчин наземи и легнал како некој вол заклан. Бре вода турале, бре луѓе викале да му баат од уроци, што знаеле од таа работа, та одвај беше ти станал коњо на нозе, да се тресе како прат на вет’р. - Коа видов тоа нешто , чичо Марко – ми рече Сандо – сум ти се зачудил на таквие очи лоши што имаше тој чоек и оттогај наваму ти веруам урочуање од лоши очи. На Бадник ќе појдат со секира кај тие дрвја што не раѓаат, за ѓоа ќе и сечат и ќе и плашат вака: Ќе крени стопано секирата за да го пресечи дрвото и ќе му вели. - Ќе раѓаш овошки, бре дрво, али ќе те сечам и ќе те горам? Така вели до три пати и в година ќе се турело од род. Пари да земаш севте кога ќе сториш, арно било да и удриш од брадата и да речиш: - Колку коса имат на брадата, толку пари да земам денеска! Коа ќе започне некое девојче да плете чорапи, едно ќе се научи веќе да праит котелци и да сплети малце крајо од чорапо, тој крај требало да го врли девојчето по вода велејќи вака: - Како што течи брзо водата, така да брзам со прстите кога ќе плетам чорапи. Така да речи до три пати беше си: веќе ќе можела да брзат. Второто заплетуање чорап, пак требало да го врли девојчето во некој силен огон велејќи: Како што се сили огнов, така да се силам јас коа ќе плетам чорапи. Така штом ќе речело девојчето и ќе го врли заплетеното чорапче во огно да изгори и веќе ќе си е салам работата на девојката да је брза за во плетење чорапи. Заб. Мене ме учеше пак мајка кога отидов на терзии со севте, коа ќе видам сопрво ластоици да летаат, на часот да ’и замрдам прстите гледајќи во крилјата од ластојцата и да речам: Како што и летаат крилјата на ластојцата брзо, така да ми брзат рацете во шиењето. Така требало да речам до три пати. Верен на мајка ми, сум велел и вистина станав терзија. А пак мајстори ми аџи-Петко што се пресели од Прилеп во Битола, коа се главив со севте у него да учам за терзија, многу пати ми велеше: -Ха, ха, вјасај Марко, вјасај со иглата, не биди пипав, оти со игла бунар копаш; знаиш што рекле стари: ја брз терзија да бидиш, ја брз арамија, ја брз питач, да така да се раниш. Да сега од што станав брз терзија јас, дали од мајка ми што ме тераше да и мрдам рацете коа ќе видев ластоица, дали од мајастора ми аџи-Петка, ама најпоеќе веруам оти од збороите на аџи-Петка. Откога ќе го донавие платното навивалката, ќе го врли стапчето до кај што можи и ќе речи: - До кај што појде стапчето скраја, по толку да ткај платно на ден таа (жената што го имат). Ластовиците коа ќе дојдат, едни жени сопрво кога ќе ји видат, ќе и смрдаат прстите од рацете и ќе речат: - Како што је летаат крилјата на ластоицата, така да ми брзаат рацете во работата. Во гр. Велес чирако што ќе се учел у некој мајсатор папуџија, сопрво ќе му даеле едно парче мешин да го шие, со две игли и неподврзани конци за некое време, дури да му алаштисаат рацете, ќе го натерат мајсторот детето да појди кај некоја воденица, та да го врли дупеното мешинче во буката од воденицата, велејќи: како што течи брзо водата низ буката, така да ми брзаат во шиењето рацете. Така ќе речело до три пати и беше веќе: тоа дете ќе било брзо во шиењето. Забелешка: А пак у нас, коа ќе видиме сопрво ластоица да лета, во марта, тогај ќе велиме: како што е летаат крилјата брзо на ластоицата, така мене да ми вјасаат рацете во работата. Кога насадат квачка да вадат пилци, јајцата ќе и клаат во една капа и ќе и истурат во седелото и ќе речат: - Како што се истурија јајцата од капава, така да се изведат лесно и веднаш од квачката пилците. За сапуно коа да праат, ќе му обесат една глајца лук за да не се урочуа. Кога ќе варат сапун жените, требало да речиш машала и да плункниш во казано кога ќе го видиш, за да не се урочит; једни му обесуаат една глајца лук за да не се урочуа. Зада не се варит леќата знаеле едни да ја затолкнат, ѓоа за да не се варит. Еве како му праат: Кога ќе заврзит леб во шишарките, ќе појде некој душман на тој што си ја посеал и ќе земит два камна, та ќе ји толкнит на корен шишарките и непендек било. Ич после не се варела леќата. За да не му вати место затолкнуањето, едни знаеле ѓоа да је баат на леќата вака: кога ќе ваѓаат леќа за семе да сеи, ќе му ја клаат пред волојте што ќе ја ораат нивата за да ја здушат со муцките и после ќе ја посеит. Ако немаат работа, нека си ја затолкнуаат душманите колку да сакаат, таа пак ќе се варела. На дете рулче кога му је затнат носот и грлото, та да не можи да диши слободно и кога да диши грчи и со грло и со носо, та раат не можи да спие, ами се мачи, баба Осман-паша (така је викаат бабата тука во Софија) му баит на таквие деца со две три рипчиња живи и еден петел. Рипчињата ќе му и удри од носо на детето велејќи: -Грчењето од Бориса да биди во рипчињата и да се удаат во водата. Три пати така да речи и рипчињата да се врлат во бунаро. А пак со петело, ќе се заколи и со истио нож како што е крвав, да му се помини под гуша на детето велејќи: - Како што се закла петело, така да се заколи болеста. И после ќе му се извади грклано од петело, та ќе му се закоат во ѕидот од огништето, велејќи: - Како што ќе се суши грклано од петело, така да се суши болесдта од Бориса, али од Богданчета. Штом му се стори тоа истото на некое болно дете од таа болес, бездруго ќе оздравеело. Од записите на Марко Цепенков. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан