• понеделник, 03 март 2025

Њујорк Тајмс: САД ги суспендираат кибер операциите против Русија како дел од напорите за подобрување на односите

Њујорк Тајмс: САД ги суспендираат кибер операциите против Русија како дел од напорите за подобрување на односите

Вaшингтон, 3 март 2025 (МИА)  – Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет и нареди на американската кибер команда да ги запре офанзивните кибер операции против Русија, во обид да ги обнови односите со Русија и да постигне договор со Москва за мир во Украина, објави денеска Њујорк Тајмс. Во извештајот на американскиот весник, во кој се цитираат изјави на актуелен функционер и двајца поранешни функционери запознаени со наредбата на министерот за одбрана, се наведува дека тоа очигледно е дел од пошироките напори да се вовлече рускиот претседател Владимир Путин во преговорите за Украина и новите односи со САД.

Се додава дека наредбата за прекин на офанзивните кибер операции против Русија е издадена пред средбата меѓу американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Белата куќа, која заврши со размена на остри зборови и без најавеното потпишување на договор за украинските минерали. Прецизниот опсег и времетраењето на наредбата на американското Министерство за одбрана се нејасни, бидејќи границата помеѓу офанзивните и одбранбените кибер операции често е нејасна.

Сепак, одржувањето на пристапот до големите руски мрежи за шпионски цели е клучно за разбирање на намерите на Путин додека влегува во преговори, како и за следење на аргументите во Русија за тоа на кои услови треба да се инсистира и што може да се напушти, оценува Њујорк Тајмс.

Поранешните функционери истакнаа дека е вообичаено цивилни лидери да наредуваат паузи во воените операции за време на чувствителните дипломатски преговори за да избегнат нивно исфрлање од шините. зш/
фото ЕПА

Остани поврзан