Љутков: Со концертот „Македонисимо“ во Рим на Трпчески испраќаме силна порака
- Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој е дел од делегацијата во Италија, предводена од претседателката Гордана Силјановска Давкова, денеска од Рим го честита празникот 24 Мај – Денот на Сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј за кои рече дека всушност се темелот на нашата писменост, култура и традиција.

Рим, 24 мај 2025 (МИА) – Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој е дел од делегацијата во Италија, предводена од претседателката Гордана Силјановска Давкова, денеска од Рим го честита празникот 24 Мај – Денот на Сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј за кои рече дека всушност се темелот на нашата писменост, култура и традиција.
-Таа нивна мисија се уште не е завршена, таа нивна визија ќе треба да ја продолжиме се посилно и посилно, за да си го потврдуваме се почесто нашиот идентитет, нашиот преубав јазик, нашата култура и традиција, истакна министерот Љутков.
Во организација на Министерството за култура, во рамки на културната програма за одбележување на празникот, вечерва во Рим, пијанистот Симон Трпчески ќе настапи со концертот „Македонисимо“.
-Го одбравме најдоброто од Македонија, еден прекрасен концерт кој е познат секаде во светот со Симон Трпчески. Тоа е една голема симболика дека сме овде во Рим како Македонци со концертот ‘Македонисимо’, рече Љутков.
Тој изрази надеж дека вечерва на концерот ќе има голема посетеност и од тој настан, како што рече, „ќе испратиме една голема порака дека сите Македонци кои творат со својата уметност секаде низ светот се добредојдени во Македонија и секогаш ќе бидат главните промотори на македонската култура. паг/вг/
Фото: Кабинет на претседателот на државата