• вторник, 24 декември 2024

Јакимовски ја потврди кандидатурата за претседател пред Државната изборна комисија

Јакимовски ја потврди кандидатурата за претседател пред Државната изборна комисија

Скопје, 18 март 2024 (МИА) – Претседателскиот кандидат на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, денеска во Државната изборна комисија ги предаде собраните 11.468 потписи за претседателски кандидат на претстојните избори. Јакимовски упати благодарност до граѓаните кои ја потврдија неговата кандидатура за претседател и ги повика на претседателските избори да ја дадат својата поддршка за влез во вториот круг.

– Од срце им се заблагодарувам на сите што ме поддржаа, знајни и незнајни пријатели, роднини, другари, граѓани на Република Македонија. Можам да им ветам вистинска борба за вториот круг, очекувам нивна поддршка. Јас како кандидат гарантирам дека во вториот круг нема да ги разочарам и дека ќе славиме победа, изјави Јакимовски.

Порано имал поголем рејтинг од овој што го има сега, посочи Јакимовски, како и дека порано можел да се кандидира за претседател на земјава, но како што рече, сега се чувствува доволно зрел и способен да одговори на функцијата претседател на Република Северна Македонија.

– Моите очекувања се влез во вториот круг, а потоа јас знам да водам кампања како што треба и тогаш гарантирам дека нема да бидат разочарани сите оние гласачи што ќе ме поддржат во првиот круг и дека ќе имаат добар претседател на Република Македонија. Јас и порано сум можел да се кандидирам, бидејќи сум имал и поголем рејтинг од овој што го имам сега, меѓутоа сега се чувствувам доволно зрел, доволно способен, со огромно искуство за да можам да одговорам на најодговорната функција во Република Македонија, изјави Јакимовски.

Прашан на што го темели оптимизмот, бидејќи анкетите покажуваат дека не е меѓу двајцата најголеми фаворити на претстојните избори, Јакимовски вели вистинскиот рејтинг ќе го добиеме откако ќе започне изборната кампања и кога ќе започнат претседателските дебати.

– Веднаш после моето кандидирање, со најновите анкети во изборна единица 2 веќе процентот порасна на 9 отсто, доколку пак во изборна единица 1 на 11 отсто, што значи уште се загреваме. Вистинскиот рејтинг е кога ќе започне изборната кампања, кога ќе започнат дебатите, рече Јакимовски.

На новинарско прашање од МИА, дали ГРОМ ќе поддржи некој друг претседателски кандидат, доколку не влезе во вториот круг, Јакимовски децидно одговори дека навикнат е на победи, и рече гарантира влез во вториот круг. ра/аа/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан