• сабота, 23 ноември 2024

Јавна дебата во ЗЕЛС за законите за јавна администрација

Јавна дебата во ЗЕЛС за законите за јавна администрација

Скопје, 30 август 2024 (МИА) -  Во рамките на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ денеска во просториите на Заедницата на единиците на локалната самоуправа - ЗЕЛС се одржа јавна дискусија за предлог законите за административни службеници, за вработени во јавниот сектор и за стручно усовршување и обука на административните службеници со учество на општинската администрација, а во организација на Министерството за јавна администрација со поддршка на ЗЕЛС. На јавната дискусија претставниците на сите општини во земјава можеа да ги искажат своите забелешки за трите предлог-законски решенија за јавна администрација.

-Владата преку Министерството за јавна администрација е силно фокусирана на овие значајни реформски закони за коишто очекуваме да се вклучат што е можно повеќе заинтересирани страни или конкретно денеска претставниците на повеќе општински администрации за коишто сметаме дека се првиот контакт на јавната администрација со граѓаните со цел да добиеме што е можно поквалитетна и попрофесионална јавна администрација, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев на паузата на јавната дебата.

Се надевам, додаде, дека овој процес успешно ќе заврши, дека оваа дебата која што во форма на работни групи ќе се одвива во следниот период ќе има добри предлози, конкретни предлози затоа што најважно од се е законите коишто се предмет на дискусија да бидат квалитетни, да бидат системски, но и најважно од се да бидат применливи.

-Сметаме дека во оваа фаза е исклучително битно да биде вклучен и ЗЕЛС или општинските администрации кои се главен двигател или, пак, првиот контакт кој го имаат  граѓаните со јавната администрација. Во насока на подобрување на овие закони сметаме дека оваа дебата е добредојдена и ги охрабруваме сите општински  администрации да се вклучат во неа, а како Министерство и понатаму ќе бидеме отворени за соработка и да ги делиме нашите ставови, но и да слушаме и туѓи мислења со цел на крајот да добиеме системски, но пред се квалитетни закони за кои сметаме дека е најважно да имаат можност за квалитетна имплементација, порача Минчев.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Георгиевски рече дека денешната дебата е ново поглавје во начинот на носење на законите и функционирање на општините.

-Пред 15-ина дена беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу ЗЕЛС и Владата во кој една од точките беше токму и начинот на носење на закони и законски измени во нашата држава да биде со целосна инклузија, односно во него да бидат вметната и да учествува во јавните дебати и најзасегнатата страна, односно општините што за жал не беше пракса во минатото, рече Георгиевски. 

На денешната дебата, како што кажа, присуствуваат претставници од секторите за човечки ресурси од сите општини, кои низ дебата ќе ги разгледаат пропустите, слабостите, но и добрите работи во овие закони коишто ги предлага Министерството за јавна администрација. 

-Се надевам дека Министерството ќе излезе во пресрет, ќе ги земе во предвид укажувањата и проблеми коишто ќе бидат нотирани од страна на општинската администрација и дека ќе бидат содржани во новиот Предлог-закон, рече Георгиевски.

Нагласи дека во минатото иако имало укажувања од страна на општинската администрација и од страна на градоначалниците дека има одредени недоследности, дека треба да бидат исправени предлог-законските решенија за жал минатата влада немала слух за тоа. 

-Ова е сериозен исчекор, ова е сериозен напредок и се надевам дека оваа пракса која денеска ја воспоставуваме со Министерството за јавна администрација ќе биде пракса која што и понатаму општините ќе ја спроведуваат на ваков начин во соработка со сите останати ресорни министерства, посочи Георгиевски.вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан