Ѓорѓиевски: Обезбедено ново противпожарно возило за потребите на Општина Кисела Вода
- Општина Кисела Вода обезбеди противпожарно возило кое има за цел да ги заштити животите и имотот на граѓаните. Ова возило, кое е донација од „Шпаркасе Лизинг“, ќе и биде понудено на Противпожарната бригада-Скопје со цел таа да може поефикасно да одговори на идните предизвици и да ги заштити жителите на општина Кисела Вода, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Општина Кисела Вода обезбеди противпожарно возило кое има за цел да ги заштити животите и имотот на граѓаните. Ова возило, кое е донација од „Шпаркасе Лизинг“, ќе и биде понудено на Противпожарната бригада - Скопје со цел таа да може поефикасно да одговори на идните предизвици и да ги заштити жителите на општина Кисела Вода, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода се заблагодари на компанијата за покажаната општествена одговорност, а директорот Марјан Манчев му ги предаде клучевите од возилото и најави дека ова е почеток на соработката од која треба да произлезат бројни проекти во интерес на граѓаните.
- Во насока на зголемување на безбедноста на нашите граѓани, со цел да се заштитиме од непредвидливите и разорни последици на пожарите, Општина Кисела Вода успеа да обезбеди противпожарно возило. Секое лето, а посебно изминатово, сите видовме колку лесно и брзо може да се запали и прошири пожар, загрозувајќи го животот, домот и природата и за жал увидовме дека е неопходно подобрување на капацитетите на нашата Противпожарна бригада. Голема е мојата благодарност до компанијата „Шпаркасе Лизинг“, која ги препозна нашите намери и како општествено одговорна компанија, покажа исклучителна грижа за безбедноста на нашата заедница, донирајќи ни го ова противпожарно возило, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Ваквите партнерства меѓу приватниот сектор, општините и јавните служби, како што рече, се и повеќе од потребни кога за цел имаме подобрување на условите за живот на сите граѓани.
- Она што е наш следен чекор, како локална самоуправа е да и го понудиме ова возило на Противпожарната бригада, со цел таа да може побрзо и ефикасно да реагира и да ги заштити граѓаните, а пред се жителите на општина Кисела Вода. Сметам дека снабдувањето со ново возило претставува значајна помош, особено во моменти кога навистина е неопходно брзо и ефикасно да се реагира, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода.
Директорот на „Шпаркасе Лизинг“ Манчев истакна дека противпожарното возило ќе помогне во спасувањето на животи и намалувањето на штетите во моменти кога секоја секунда е важна. Со оваа донација, како што рече, се надеваме дека ќе придонесеме кон уште побрза и поефикасна реакција на противпожарните служби за жителите на општина Кисела Вода. мд/дма/
Фото: Општина Кисела Вода