Ѓорѓиевски: Апелирам за отворање на ново поглавје за напредокот на децентрализацијата, во процесот на преговорите со Европската Унија
- Апелирам до делегатите од Комитетот на регионите за силна поддршка и лобирање за реализација на оваа важна иницијатива на ЗЕЛС, односно отворање на ново поглавје за напредокот на децентрализацијата, во процесот на преговорите со Европската Унија.
Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) - Апелирам до делегатите од Комитетот на регионите за силна поддршка и лобирање за реализација на оваа важна иницијатива на ЗЕЛС, односно отворање на ново поглавје за напредокот на децентрализацијата, во процесот на преговорите со Европската Унија.
Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓоргиевски, на 22 седница на ЗКК, пред делегати на Заедничкиот консултативен комитет меѓу нашата земја и Комитетот на региони на Европската Унија.
- Поддршката на општините со финансиските инструменти на Унијата е од значителна важност за нас, за јакнење на нашите административни капацитети, подобрување на инфраструктурата и поддршката во реформите кои ќе доведат до усогласување со вредностите, но и со стандардите на Унијата, во насока на подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните, рече тој.
Тој појасни дека првата тема на денешната средба е стандардно посветена на напредокот на нашата земја на патот за членство во Европската Унија.
- Јас и се уште голем број од нашите граѓани и понатаму сакаме да бидеме дел од европското семејство, каде што всушност географски и припаѓаме. Сакаме и работиме на имплементирање на европските стандарди и вредности, но не сакаме членство по секоја цена, нагласи Ѓоргиевски.
Според него, мошне интересна за дискусија е и втората тема, „Владеење на правото и улогата на локалните заедници во борбата против говорот на омраза, злосторствата од омраза, лажните вести и странското влијание".
- Ова всушност е и мошне актуелна тема, со оглед што следната година имаме и претседателски и парламентарни избори. На агендата за денешниот состанок се ставени за дискусија навистина компетентни лица од земјава, но и од Европската Унија и се надевам дека и во оваа област ќе добиеме корисни искуства и насоки, додаде претседателот на ЗЕЛС. бд/аа/
Фото: МИА