Што треба да знаете за вистинските влогови на енергетската криза
- Аналитичарите предвидуваат дека ако Ормуската Теснина, витална глобална трговска артерија, остане ефективно затворена за сообраќај уште само една или две недели, глобалниот шок со цените на енергијата ќе мутира во недостиг на гориво, ѓубрива и индустриски суровини, почнувајќи од Азија и ширејќи се кон Европа, додека цените на храната ќе пораснат.
15 Април 2026
Н1
Британскиот премиер Кир Стармер зборуваше во име на повеќето Европејци минатата недела кога изјави дека му е „преку глава“ од тоа што неговите гласачи и компании трпат финансиски удар „поради постапките на Путин или Трамп ширум светот“.
Европа едвај почна да закрепнува од последниот енергетски шок и наглиот пораст на инфлацијата, предизвикан од руската инвазија на Украина во 2022 година, кога се појавија Доналд Трамп, Бенјамин Нетанјаху и нивната војна против Иран, пишува Политико.
Аналитичарите предвидуваат дека ако Ормуската Теснина, витална глобална трговска артерија, остане ефективно затворена за сообраќај уште само една или две недели, глобалниот шок со цените на енергијата ќе мутира во недостиг на гориво, ѓубрива и индустриски суровини, почнувајќи од Азија и ширејќи се кон Европа, додека цените на храната ќе пораснат.
Трамп, блокирајќи го Иран и неговиот извоз, активно придонесува за стеснување на понудата која се заканува со реална економска, социјална и политичка болка за европските влади, во време кога нивните гласачи се веќе исклучително незадоволни од трошоците за живот.
Трошоците за увоз на фосилни горива во Европската Унија пораснаа за повеќе од 22 милијарди евра во само 44 дена судир, изјави во понеделникот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ормуската Теснина е во суштина затворена и граѓаните веднаш го чувствуваат влијанието“, додаде таа. „На бензинските пумпи, во супермаркетите и на сметките за домаќинствата. Она што го гледаме на Блискиот Исток не е некоја далечна криза. Но, во свет во кој сè е поврзано, ефектите се директни – и непосредни“, додаде таа.
Штетата што доаѓа
И покрај тие 44 дена на повисоки цени, целосното економско влијание на војната набрзо ќе стане многу полошо. Нафтените пратки што го напуштија Персискиот Залив пред почетокот на судирот сега главно пристигнаа на своите дестинации. Пазарот, според зборовите на влијателниот министер за индустрија на Обединетите Арапски Емирати, Султан ал Џабер, во четвртокот беше на „критичен крстопат“. Брзо и безусловно повторно отворање на Ормуската Теснина беше потребно заради „глобалната економска стабилност“, рече тој.
Наместо тоа, преговорите меѓу САД и Иран пропаднаа, а Трамп најави блокада на Иран која се преклопува со иранската блокада на теснецот. Сето тоа без јасно решение на повидок.
Во Европа тоа значи продолжување на повисоките цени на бензинските пумпи додека суровата нафта повторно расте над 100 долари по барел. Многу европски земји исто така се во голема мера зависни од гас за домаќинствата и индустријата, со предвидувања за високи трошоци за доаѓањето на зимската сезона на греење.
„Штетата врз финансиите на домаќинствата оваа година во голема мера е веќе направена“, изјави Џејмс Смит, главен економист во Resolution Foundation, кој ја направи проценката.
Болни трошоци
Болните трошоци набрзо би можеле да бидат придружени со вистински недостиг. Аеродромите минатата недела предупредија дека ако теснецот остане затворен уште три недели, „системскиот недостиг на авионско гориво ќе стане реалност за ЕУ“.
А Европа ќе се соочи со „построги ограничувања“ на други места до крајот на април, напиша Роберт Пејп, професор по политички науки на Универзитетот во Чикаго, бидејќи увозниците во Азија, најтешко погодениот регион кој увезува најмногу нафта и гас од Блискиот Исток, „агресивно се натпреваруваат за алтернативно снабдување“. Европските увозници, рече Пејп, тогаш ќе се „соочат и со повисоки цени и со намалена достапност“.
Тој предвиде дека енергетски интензивните индустрии како хемиската, металната и производството би можеле да почнат да го намалуваат производството.
Тука е и влијанието врз цените на храната, на кои влијаат растечките трошоци и намалената понуда на ѓубрива. Тоа е уште една жртва на затворањето на теснецот.
Некои набљудувачи на пазарот на нафта се плашат од најлошото. Рори Џонстон, аналитичар во истражувачката служба Commodity Context, минатиот месец предвиде дека долготрајното затворање на теснецот ќе се манифестира како „мачно високи цени“ на Западот и во азиските земји со високи приходи. Посиромашните земји, рече тој, би требало да се подготват за „акутен физички недостиг на гориво“.
Таквите кризи имаат непредвидлива политичка динамика.
Во Ирска, држава членка на ЕУ со еден од највисоките БДП по глава на жител во светот, владата во текот на викендот беше принудена да најави намалување на данокот на гориво за 500 милиони евра за да ги смири демонстрантите кои ги блокираа клучните пристаништа и патишта, лути поради растечките трошоци – протести кои, пак, ги влошија стравовите од недостиг на гориво.
„Несфатливо е што бевме на работ на губење на капацитетите за преработка на нафта во земјата среде невиден глобален недостиг на енергија“, изјави ирскиот премиер Мајкл Мартин. „Апсолутно нема смисла“, порача тој.
Фото: ЕПА