Сиљановска Давкова - Ердоган: Македонско-турските односи се одликуваат со силно пријателство, доверба и континуирана меѓусебна поддршка
- Претседателката престојува во Турција по повод учеството на петтиот Дипломатски форум во Анталија.
Скопје, 16 април 2026 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на којашто беше констатирано дека македонско-турските односи се одликуваат со силно пријателство, доверба и континуирана меѓусебна поддршка, информираа попладнево од нејзиниот кабинет.
- Најпрво, претседателката изрази сочувство до претседателот Ердоган за жртвите во вчерашното пукање во средното училиште во Турција, посакувајќи побрзо закрепнување на настраданите. Турција секогаш била наш близок пријател и укажувала помош во најтешките моменти, како трагедијата во Кочани и се солидаризираме со турскиот народ, рече Сиљановска-Давкова, пишува во соопштението.

На средбата со Ердоган, таа посочила дека преку своите институции и компании - од ТИКА, којашто имплементираше 1.320 проекти, до училиштата „Маариф“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, „Туркиш ерлајнс“, „Халкбанк“, Турција е присутна во многу области на македонското општество.
- Во потпишувањето на Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, претседателите препознаваат можност за подинамична и поструктурирана билатерална соработка, што ќе резултира со одржување на прва меѓувладина седница, се вели во соопштението.
Сиљановска-Давкова ја поздравила турската дипломатска иницијатива - Балканска мировна платформа, оценувајќи ја како важен инструмент за јакнење на регионалниот дијалог и стабилност.

Таа се заблагодарила за долгогодишната поддршка од Турција во модернизацијата на македонската Армија.
Обајцата се согласиле дека постои простор за зголемување на трговската размена и инвестициите и во најавениот бизнис-форум во Турција препознаваат одлична можност за унапредување на економската соработка.
На средбата се разговарало за статусот на турската заедница во општествениот и политичкиот живот низ призма на правичната и соодветна застапеност, како и за функционирањето на дел од образовните институции.

- Претседателите се уверени дека предизвиците со коишто се соочува турската заедница во нашата држава ќе бидат надминати. Сиљановска-Давкова упати покана до претседателот Ердоган за официјална посета на земјата, се додава во соопштението.
Претседателката престојува во Турција по повод учеството на петтиот Дипломатски форум во Анталија. бд/са/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова