Штипска „Актива“ доби пристап до НАТО пазарот
- Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Штип го додели сертификатот на штипската компанија „Актива“, која ќе може да конкурира на тендери и ќе има пристап до НАТО пазарот. Таа истакна дека досега 44 компании во земјава добија пристап до НАТО пазарот.
Штип, 8 април 2024 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Штип го додели сертификатот на штипската компанија „Актива“, која ќе може да конкурира на тендери и ќе има пристап до НАТО пазарот. Таа истакна дека досега 44 компании во земјава добија пристап до НАТО пазарот.
- Особено ми е задоволство и сум воодушевена од она што денес го видов во производствените капацитети на оваа компанија. И како што реков, ми е чест што од 28 февруари и оваа компанија веќе е сертифицирана и може да учествува на НАТО пазарот, вели Петровска.
Петровска истакна дека на почетокот на март имала успешна средба со претставници на НАТО Агенцијата за набавки и со македонски компании, каде биле презентирани можностите, како македонските компании можат да учествуваат во набавките и во НАТО Агенцијата и на НАТО пазарот.
- Пазар кој е многу голем и кој е одлична шанса и да помогнат и да придонесат за развојот на македонската економија.Јас овој позитивен пример на оваа компанија би го дала како пример и за останатите компании во Република Северна Македонија, кои досега не пристапиле до Министерството за одбрана за нивна регистрација на НАТО пазарот да го искористат како успешен пример, а конкретно на компанијата и посакувам во наредниот период да биде и учесничка на НАТО пазарот и во кратко време да не извести и за позитивно склучен договор во Алијансата, изјави Петровска.
Прашана кои се бенифитите за македонските компании кои имаат пристап до НАТО пазарот, Петровска со одговор дека првиот чекор кој компаниите го направија е веќе завршен, а тоа е процесот на регистрација, односно верификација од страна на Министерството за одбрана дека тие имаат способности и ги исполнуваат условите да настапат на НАТО пазарот.
- И втората можност со која што во наредниот период уште повеќе Министерството за одбрана ќе се потруди да им помогне, а тоа е преку испраќање на свој претставник во НАТО Агенцијата за набавки и да им го овозможи пристапот до НАТО пазарот. НАТО пазарот е многу голем, повеќе од пет милијарди евра на годишно ниво,можност во секоја една од гранките кои ги имаме во компаниите во РСМ да се пријават и да учествуваат. Свесни сме дека тој НАТО пазар е предизвикувачки, бара исполнување на високи стандарди и критериуми, меѓутоа се разбира затоа е тука и државата, владата, министерството соодветно да го поддржат тој процес, истакна Петровска.
При посетата на штипска „Актива“ министерката Петровска потенцира дека списокот со македонски компании може да се проширува, а тоа зависи од самите нив. Инаку, сертификати и пристап до НАТО пазарот имаат компании од различни сектори.
- Различни се секторите – градежништво, прехрана, некои од нив и угостителски услуги нудат во смисла на организација и настани. Секакви компании имаме, транспорт, компании кои се занимаваат со трговија на нафта и нафтени деривати, широк е спектарот на компании. Се што ги опфаќа потребите на Алијансата пресликајте што се случува во Министерството за одбрана, односно каков вид на набавки склучуваме на годишно ниво буквално секоја една компанија е потребна, рече Петровска.
Сопственикот на компанијата „Актива“-Штип, Иле Николов при денешната посета на министерката Петровска изјави дека со овој сертификат се отвара една нова визија и во нивниот производен програм.
- Затоа што цениме дека покрај досегашните сериозни партнери коишто ги имаме од Европа и пошироко дека и овој дел, овој сегмент што сега го добивме како сертифика,за да може да учествуваме на тендерите ќе биде уште една можност да се докажеме и на овој пазар за којшто министерката кажа дека е доста сериозен, доста голем и се надевам дека со нашиот производен програм ќе можеме да се вклучиме во еден дел во делот на потребите за НАТО индустријата, рече Николов.
Забележа дека во моментов штипска „Актива“ е подготвена истовремено да работи и со новите партнери од НАТО пазарот и со постојните нивни сериозни партнери од Западот, како што се „Ван Хол“, „Пас Глобал“.
- Се надеваме дека со ова ќе се отвори една нова страница и во нашата производна програма, а ние сме спремни и понатаму да се развиваме како компанија, затоа што почетокот на развојот на нашата компанија во нашата Општина претставуваше пример како може да се успее во град којшто исклучиво се бавеше со текстилната индустрија и сета онаа криза која што се јави во текстилната индустрија, ние се боревме да направиме една промена на структурата на производството и досега мислам дека доста успешно се боревме и се бориме, вели Николов.
Оваа штипска компанија произведува делови и за автомобилската индустрија, како и колички за транспорт за големите светски аеродроми. Имаа широк спектар на произдводство, кое е модернизирано, со роботи машини, а како што рече Николов, се надева дека после година или две ќе можат да се пофалат и со првите производи, коишто веќе ќе бидат испорачани од нивна страна на пазарот за потребите на НАТО. вдј/цр
Фото: МИА