• петок, 18 октомври 2024

Шолц скептичен за прифатните центри на мигранти надвор од ЕУ

Шолц скептичен за прифатните центри на мигранти надвор од ЕУ

Брисел, 17 октомври 2024 (МИА) – Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека мора да биде зголемена ефикасноста за враќање на мигрантите, но изрази скептицизам за отворање на прифатни центри за мигранти надвор од Европска Унија.

- Криминалците мора да бидат вратени. Мораме да овозможиме имиграција, да обезбедиме заштита на оние на кои им е потребна, но не може секој да дојде, посочи Шолц по пристигнувањето на Самитот на лидерите на ЕУ во Брисел.

Тој оцени дека на ЕУ и се потребни „депортации во согласност со европското право“.

Откако Италија отвори центар за мигранти во Албанија, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен посочи дека е отворена за овој концепт со цел да се запре протокот на мигранти, Шолц изрази скептицизам по ова прашање.

- Ако ги погледнете бројките, (таквите концепти) навистина не се решение за земја голема како Германија, наведе Шолц.

Тој оцени и дека Европа има многу да надомести во однос на конкурентноста, особено кога станува збор за индустријата и работните места и додаде дека тарифните спорови не водат никаде. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан