• вторник, 24 декември 2024

Шкотски примери за изработка на национална стратегија за просторно планирање

Шкотски примери за изработка на национална стратегија за просторно планирање

обранискСкопје, 28 септември 2023 (МИА) - Собраниските комисии за локална самоуправа и за транспорт, врски и екологија одржаа работен состанок на тема „Поврзаноста на Националната развојна стратегија со просторното планирање и регионалниот развој“.

На средбата гости биле претставници од Шкотската влада, кои на почетокот од состанокот биле поздравени од претседателката на Комисијата за локална самоуправа, Ане Лашкоска, која информирала дека со нив ќе се разменат искуства кои би се вградиле во националната стратегија. Притоа, како што соопштија од Собранието на Република Северна Македонија, таа го окарактеризирала просторното планирање како највисок јавен интерес.

Од страна на шкотските претставници била презентирана Националната рамка за просторно планирање на Шкотска, која ги опфаќа проблемите, можностите и придобивките од целата земја. Тие укажале дека во изработката на стратегијата, потребно е да се установи што треба планирањето да постигне, со цел остварување на националните цели од долгорочен интерес, визијата и целта. Притоа треба да се има предвид еднаквоста, можностите за сите, па токму затоа оделе на терен да го слушнат гласот на локалните луѓе. Меѓу другото, се фокусирале на справувањето со сиромаштијата, образованието, развој на руралните средини, глобалната климатска итност.

Во дискусијата се вклучиле пратениците Маја Морачанин, Здравко Трајанов, Љупчо Балкоски и Бајрам Кадрија, претседателот на Комисијата за транспорт, врски и екологија, Владо Мисајловски, како и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.

Морачанин пројавила интерес подетално за шкотските искуства за мерките за климатската адаптација и миграцијата село - град и порачала по примерот на Шкотска да се вклучат сите чинители во носењето на објективен план. Трајанов, пак, како што стои во соопштението, се осврнал на иселувањето, ситуацијата со празните села, полупразните градови, преполното Скопје, што доведува до дефункционалност и тешка изработка на план. Балкоски имал повеќе прашања за реално просторно планирање, како и предлог да се размисли за евромикро регион. Од своја страна, Кадрија ги запознала гостите за состојбата во селата, каде земјоделството е замрено, како и за постојаното неконтролирано градење.

Заменик-министерката Оџаклиеска ги информирала присутните дека законското решение за просторно планирање е во завршна фаза и информира за активностите што се преземени и на кои тековно се работи. Таа ја потенцирала важноста планските решенија да имаат поддршка од јавноста, како и соработката на централно и локално ниво.

Мисајловски упатил честитка до Шкотската влада за сработеното и порача пресликување на позитивните примери, како секој регион со посебен фокус за планирање и директен контакт со граѓаните.

Националната рамка за просторно планирање на Шкотска, која ја изработувале три години, се однесува до 2045 година, што е голема одговорност за идните генерации и визијата на Шкотска, за да се креира подобро место на живеење за сите. Во таа насока, Лашкоска упати апел што поскоро да се донесе законот кај нас, кој ќе овозможи реализација на националната стратегија за следните 20 години. цр/

Фото:Собрание на РСМ

Остани поврзан