• петок, 08 ноември 2024

Четиринаесет невработени од Кочани ангажирани во проектот „Доверба“

Четиринаесет невработени од Кочани ангажирани во проектот „Доверба“

Кочани, 2 јули 2024 (МИА) – Четиринаесет невработени лица од Кочани се ангажирани преку проектот „Доверба“ за испорака на социјални услуги за различни групи граѓани преку програмата Општинско корисна работа.

Во наредниот деветмесечен период ќе работат пет негуватели во градинка, еден личен асистент, двајца посредници за донации, двајца олеснувачи за ромски деца, еден соработник за социјални прашања и тројца негуватели за лица со попреченост.

При потпишувањето на договорите за ангажман на лицата, градоначалникот Љупчо Папазов го истакна досегашното позитивно искуство и подготвеноста на Општина Кочани да учествува во финансирањето на социјалните услуги кон граѓаните.

– Придобивките и целите се намалување на бројот на невработени лица и стекнување обука за поголема конкурентност на пазарот на трудот, од една страна, а од друга страна со зголемувањето на социјалната услуга се подобрува квалитетот на животот на лицата во социјален ризик, истакна градоначалникот Папазов.

Социјалните услуги што ќе ги реализираат ангажираните лица се произлезени од претходно регистрираните потреби на заедницата.

– Општина Кочани веќе 12 години е дел од програмата Општинско корисна работа што е финансирана од УНДП, а поддржана од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување. Благодарение на овој проект во Кочани се разви услугата за нега во домот на стари лица, која прераснува во сервисна услуга со 30 работно ангажирани лица, истакна Аника Илијевска Ѓорѓиева од Општина Кочани.

Лицата ќе бидат ангажирани со скратено работно време од 20 часа неделно, за што ќе добиваат бруто износ од 13.750 денари, а 20 отсто по лице се средства што ги обезбедува Општина Кочани. та/ир

фото: Општина Кочани

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан