• сабота, 21 декември 2024

Четворица наставници од Карпош учествуваат во проект поддржан од американскиот Стејт Департмент

Четворица наставници од Карпош учествуваат во проект поддржан од американскиот Стејт Департмент

Скопје, 18 март 2024

Претставници од Универзитетот „Тринити“ од Сан Антонио (САД), минатата недела го посетија основното училиште „Петар Поп Арсов“, по повод реализација на проектот за млади лидери во спортот „Youth Leadership Through Sport“ (YLS). Имено, во овој проект којшто е поддржан од американскиот Стејт Департмент, учествуваат наставниците по физичко и здравствено образование, м-р Александар Аргироски (ООУ „Петар Поп Арсов“), Татјана Трпезановска (ООУ „Братство“), Емилија Терзиевска (ООУ „Владо Тасевски“) и Сандра Георгиевска (ООУ „Вера Циривири Трена“).

Во рамки на пријателската посета во општина Карпош, по топлото добредојде, домаќините од ООУ „Петар Поп Арсов“ организираа и мала приредба во чест на своите американски колеги. Притоа, основците од ова училиште ги поздравија гостите со изведба на неколку музички точки, по што следуваше и демонстрација на спортски вештини од областа на каратето, фудбалот, одбојката и гимнастиката.

Поздравен говор одржа директорката на ООУ „Петар Поп Арсов“, Даниела Штерјова, а пред присутните се обрати и градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во оваа пригода првиот човек на Општина Карпош одржа и куса презентација во која го истакна значењето на проектот, како и посветеноста на локалната самоуправа која повеќе од една деценија во континуитет, реализира низа активности за поддршка на младите и спортот.

Инаку, YLS проектот во кој учествуваат наставниците од Карпош, започна минатата година, каде во периодот од 15 - 25 јули во Сан Антонио беа реализирани повеќе активности. Меѓу другото, беа одржани теоретски и практични обуки за одбојка за девојчиња, потоа, стручна обука за работа со деца со попреченост, за правилна исхрана на спортисти, како и обука за позитивно психолошко влијание кон децата - спортисти.

Втората фаза од YLS проектот се одржа во Македонија, во периодот од 8 - 18 март годинава, каде американските претставници се запознаа со методите на работа кои ги применуваат нивните македонски колеги. Во насока на продлабочување на меѓународната соработката беа разменети драгоцени искуства, кои понатаму ќе се применуваат во рамки на образовниот процес на работа со основците - спортисти од Карпош. Основна цел на проектот е да се изгради пријателски однос и меѓусебно разбирање меѓу различните култури, но и да се создаваат нови генерации кои активно ќе се занимаваат со спорт и ќе формираат здрави животни навики.

 

Општина Карпош

 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан