• среда, 27 ноември 2024

ЦУК: Активен пожар над селото Стримница

ЦУК: Активен пожар над селото Стримница

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) - Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска информираше дека утрово има еден активен пожар над селото Стримница. Во изминатото деноноќие регистрирани се вкупно девет пожари на отворено во државата. Пожарникари истовремено гаснеле и други пожари во населени места.

- РЦУК Тетово известува дека вчера во 18:05 часот, на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112, имало пријава за пожар над селото Стримница во општина Желино. Пожарникарите од ТППЕ Тетово не интервенирале поради непристапност на теренот. Од известените, ЈП „Национални шуми“, подружница „Лешница“ од Тетово, информирале оти горела трева, смрека и зеленика, како и дека немало опасност од проширување на пожарот. Инаку, превентивно биле известени и ДЗС Тетово, како и Општина Желино. Пожарот е сѐ уште активен утрово, појаснија од ЦУК.

Според РЦУК Скопје, БППЗ имала вкупно пет интервенции заради запалена ниска вегетација и запалено ѓубре кај селото Чојлија во општина Петровец.

- Пожарникарите од ТППЕ Прилеп, вчера имале две интервенции заради запалена ниска вегетација кај месноста „Заграб“ и крај патот за манастирот „Богородица“. РЦУК Куманово известува дека пожарникарите имале една интервенција, заради запалена ниска вегетација во населбата „Тоде Мендол“, додаваат од ЦУК.

Се апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на 112, како и други итни случаи.

Изминатото деноноќие имало вкупно 1.945 повици на 112,  „реални“ биле 39,90 отсто, а 60,10 проценти за други потреби на граѓаните. Кон полиција биле упатени 59,64 отсто, кон итната медицинска помош - 36,46 проценти. За пожарникарите пак, наменети биле 1,30 отсто од реалните повици. бд/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан