• вторник, 06 август 2024

ЦК на МАЕИ усвои декларација за состојбата на Македонците, која ќе биде доставена до албанските, македонските и меѓународните институции

ЦК на МАЕИ усвои декларација за состојбата на Македонците, која ќе биде доставена до албанските, македонските и меѓународните институции

Дебар, 5 август 2024 (МИА) -Централниот комитет на единствената македонска партија во Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, на денешниот состанокот одржан во Корча, усвои декларација во која се содржани 15 точки, а која ќе биде доставена до албански, македонски и меѓународни институции.

-Имајќи ја предвид антимакедонската политика на бугарската Влада во Албанија и соочени со агресијата на бугарскиот национал-шовинизам и наци-фашизам за денационализација и асимилација на етничките Македонци во Албанија во „етнички Бугари“, одржавме состанок  на кој ги разгледавме сите случувања,  вклучително и последните однесувања меѓу претставниците на македонските друштва, информираше за МИА, Таќо Гроздани, генерален секретар на МАЕИ.

Во заклучоците содржани во декларацијата, Централниот комитет му дава целосна поддршка на раководството на партијата.

-Централнот комитет му дава целосна поддршка на раководството на МАЕИ и најостро ги осудува кoордираните напади врз партијата од различни структури од Бугарија, Албанија и Македонија со цел дефокусирање на вниманието од заедничкиот непријател на Македонците во Албанија и воопшто во светот - Владата во Софија. МАЕИ  ги повикува сите Македонци членови на други политички партии во Албанија да пристапат во единствената македонска партија во Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција, стои во заклучоците. 

Ги повикуваат на единство сите Македонци од Албанија кои живеат и работат надвор од нејзините граници во светот, заради „одбрана на македонскиот идентитет пред институциите на власта во Албанија и пред меѓународните организаци за човековите и граѓанските права и слободи“.

-Етничките Македонци се лојални албански државјани, но претставуваат неотуѓив, нераскинлив и неостапен дел од Македонскиот народ како носител на државноста во Македонија. Ја повикуваме Македонската Влада на грижа за положбата, правата и слободите на македонската заедница во Албанија и изготвување на долгорочна национална стратегија поддржана од сите македонски партии, вклучително од власта и опозицијата. Македонска алијанса за европска интеграција ќе продолжи да не се меша во политичките пресметки во Република Македонија и да не зазема страна. Институционално ќе соработува со сите политички партии и институциите на власта во Република Македонија, рече Гроздани, презентирајќи дел од заклучоците.

Се овластува партиското претседателство да ги преземе сите мерки и пред судските инстанци во Албанија да ги „оспори бројките од пописот и пописниот иженерениг за Македонците и да го отфрли пописот како груб фалсификат поради бројните нерегуларности и надворешно влијание за пописни манипулации“.

Со декларација меѓу другото се отфрлаат прелиминарните пописни резултати од пописот одржан во Албанија од 18 септември до 16 ноември 2023 година, поради „фалсификат на бројот на етничките Македонци, со грубо мешање во внатрешните работи на Албанија од страна на Бугарија пред и за време на пописот на населението во Албанија“.

-И покрај постојаното алармирање пред јавноста и институциите на власта на Албанија во текот на цела година, за очигледните подготовки за пописен фалсификат, изразуваме жалење поради незаинтересираноста на албанската Влада за грубото мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија со цел денационализација и асимилација на Македонците во областите и местата каде што живеат. Жалиме што албанската Влада не презедоа мерки за заштита на правата и слободите на Македонците во Албанија, додава Гроздани. 

Се потсетува дека Македонците и другите малцинства во Албанија не ги прифаќаат пописните резултати  и бараат нов попис на населението во согласност со меѓународните стандарди заради манипулација со бројките на малцинствата.

-Во Албанија, според сите историски факти и пописи спроведени со годините назад, вклучувајќи го и пописот од 2011, во областите Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник, каде што Бугарија “бара“ бугарско малцинство, има самопрогласено македонско малцинство кое го има истиот фолклор, традиција и јазик како Македонскиот народ во целина во сите држави на Балканот, живее во компактни области на границата со Македонија и има територијален континуитет со државата Македонија, нема никаква врска со Бугарија, се посочува во еден од заклучоците.

Се бара забрана за активностите и донациите од страна на Бугарија, бугарската амбасада во Тирана и бугарските фондации во областите каде што живее македонската заедница и поголема грижа од албанската влада за нив.

Оваа Декларација ќе се достави до: Собранието, Владата, Претседателот, Државниот институт за статистика и Народниот правобранител на Албанија, Претседателот, Собранието и Владата на Македонија, како и до Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ, Европската слободна алијанса и странските амбасади акредитирани во Албанија. вт/са/

Фото:

 

Остани поврзан