• вторник, 24 декември 2024

Христодулидис: САД ја признаваат улогата на Кипар и Грција во регионот

Христодулидис: САД ја признаваат улогата на Кипар и Грција во регионот

Атина, 31 октомври 2024 (МИА) – Најважно е што САД ја признаваат улогата што и Кипар и Грција ја играат во регионот, регион од особено геостратешко значење. Тоа го докажуваме во пракса, со дела, а не со зборови. И особено ми е драго што оваа стратегија носи резултати, се препознава, рече кипарскиот претседател Никос Христодулидис на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, што е на 24 часа по посетата на Христодулидис на Белата куќа и средбата со американскиот претседател Џо Бајден, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис истакна дека е важен момент што по пауза од 28 години кипарски претседател беше примен во Белата куќа, нешто што, според него, „ја потврдува стратешката димензија на односите што Кипар веќе ги стекна со САД, во продолжение на стратешките односи што ги има и Грција“.

- Во рамките на оваа трипартитна соработка, верувам дека гласот на Соединетите Американски Држави, кои признаваат дека е дојдено време за праведно и одржливо решение на кипарското прашање во рамките на одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации, е исто така важен момент што доаѓа да ја надополни динамиката што се создава во последните месеци, рече Мицотакис.

Христодулидис истакна дека станува збор за „историска средба по 28 години“ и посочи дека се „на вистинската страна на историјата“, нешто што „помага и ги зајакнува напорите за решавање на кипарското прашање“.

-Секогаш е задоволство да се биде во Грција, секогаш е задоволство да се сретнеме и да разговараме. Од првиот момент се движиме со заедничка стратегија, заеднички цели, заеднички определби, какви што секогаш требаше да бидат односите Атина-Никозија. И навистина ми е драго, сакам да кажам уште еднаш, што сето ова време спроведуваме стратегија која носи резултати, порача Христодулидис. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан